Daily news
Граѓаните се запознаа со работата на Центарот за управување и контрола на сообраќајот
Во рамки на отворениот ден во организација на Град Скопје, граѓаните ја искористија можноста да го посетат Центарот за управување и контрола на сообраќајот и од блиску да се запознаат со функцијата и работата на Центарот.
За време на отворениот ден, стручните лица вработени во Центарот за управување и контрола на сообраќајот на посетителите им ги објаснија надлежностите, начинот на функционирање и активностите на ова тело, а за време на посетата одговараа и на сите прашања на граѓаните поврзани работата на ЦУКС.
„Интересот на граѓаните пред се се однесуваше на работата на Центарот и како тој функционира. Нашите стручни лица што работат во Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје им ја приближија работата и им објаснија дека во овој Центар е инсталиран современ и комплексен систем за управување на сообраќајот, којшто е инсталиран на 92 крстосници од каде што се прибираат информации за бројот на возила и состојбата во сообраќајот во реално време. Системот работи на адаптивна контрола, и преку него секоја крстосница со (соседните) околните комуницира и споделува информации за бројот на возилата, со тоа што наредната крстосница би имала информација колкав прилив на возила треба да прими и оттука дали да си го зголеми времето на зелено светло или пак да го намали. Мислам дека граѓаните секако повеќе ги интересираше дали камерите што се поставени на педесеттина крстосници снимаат или евентуално дали во рамки на Центаров функционира систем на казнување врз база на информациите од терен, би сакал уште еднаш да посочам дека камерите што се во надлежност на ЦУКС служат исклучиво за мониторинг односно набљудување на сообраќајот во реално време, што не значи од друга страна дека граѓаните коишто се учесници во сообраќајот не треба да ги почитуваат сообраќајните правила. Ова е еден од најсовремените и најмодерни, можеби и еден од најдобрите системи за управување со сообраќај во овој дел на Европа, па преку него можеме да ја увидиме промената помеѓу последователни циклуси односно времетраењето на секоја фаза одделно и како куриозитет да кажеме дека најчестите прекршоци во сообраќајот, за жал се преминување на црвено светло, што е причина за сообраќајните незгоди, затоа ЦУКС апелира до сите возачи и учесници во сообраќајот да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните правила“, рече Иван Киш, раководител на Центарот за управување и контрола на сообраќајот.
Центарот за управување и контрола на сообраќајот официјално е отворен во 2013 година и е формиран како дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје. Со Центарот се поврзани 92 светлосни уреди (семафори) или скоро 60 проценти од вкупниот број на светлосни уреди во градот. Центарот врши прибирање на податоци за бројот на возила во период од 24 часа, секој ден во годината, коишто служат за понатамошни пресметки и планирање на сообраќајот на главните сообраќајни артерии во градот Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.