Daily news
Груевски ги посети градилиштата на три капитални проекти важни за Охрид
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски направи обиколка, на три, како што рече, капитални инфраструктурни зафати, поврзани со Охрид. Најнапред беше, на местото на пробивањето на тунелот, од автопатот Кичево-Охрид, потоа во Специјалната ортопедска болница “Свети Еразмо” и на крајот на Имарет, на Свети Климентовиот комплекс-Плаошник.
Со Груевски, на делот каде се пробива тунелот кај Пресека, беше и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој информираше дека се пробиени речиси 95 проценти од трасата. Завршена е изградбата на речиси половина од автопатот Кичево – Охрид, долг 57 километри, со вкупна вредност од 374 милиони евра.
Мисајловски посочи дека во моментов се работи на повеќе точки од автпопатот за што се ангажирани четири различни компании, а тунелите кои претставуваат најтешкиот проект од изградбата на автопатот, ги работи кинеската компанија „Синохидро“.
Мисајловски информираше дека во моментов се ангажирани над 1.100 работници, а бројот ќе расте до 1.500 согласно со градежната сезона, и дека се асфалтирани и шест километри од патот. Посочи и дека со зацртаната динамика автопатот треба да биде готов во првата половина од 2019 година.
„Изградбата на автопатот ќе значи многу за цела западна Македонија, за луѓето кои патуваат од Скопје за Охрид и обратно, но ќе значи многу за охриѓани, стружани и за целиот регион. Ова беше и наше ветување кон граѓаните, а сега еве овој пат е веќе половина завршен“, забележа Груевски.
Мисајловски, рече дека завршен е тендерот за реконструкција на стариот пат Гостивар – Кичево преку Стража, која ќе ги опфати и сите мостови на таа делница.
„Автопатот Гостивар – Кичево, за чија изградба се доработува проектот, е тежок терен за градба. Откако ќе биде завршена проектната документација, ќе се обезбеди финансирање и ќе почне да се гради. Овие два автопата заедно со патот Гевгелија – Демир Капија, долг 29 километри, се едни од најтешките делници за градба“, додаде Груевски.
Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна во февруари 2014 година. Автопатот е со широчина од 26 метри, а предвидена е изградба на седум мостови, 22 вијадукти, шест натпатници, 13 потпатници и еден тунел кај Пресека со должина од околу два километра.
Груевски, беше и во Специјалната ортопедска болница, каде рече дека привршува реконструкцијата на болницата „Св.Еразмо“, а треба да биде готова до септември.
Во старото градско јадро на Охрид, беше на Плаошник, каде се подигнува големиот комплекс “Св Климент Охридски”.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, од Охрид најави дека ќе се гради театар, конгресен центар и катна гаража. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.