Daily news
Груевски за кандидатите: Најдобри сме
„Политичките партии, потписници на оваа декларација за заеднички настап на престојните локални избори, денес одлучно застануваме заеднички за на граѓаните да им ја понудиме најдобрата кадровска и програмска понуда. Она што нè обединува – Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други – е потребата за напредок. Тој напредок ќе го понудиме, тој е е желба за подобар живот. Оваа декларација за коалициски настап е вовед во нова победа на престојните избори“, рече Груевски.
„Со нас е проверено дека можеме и знаеме. Ние покажавме дека нашата заедничка визија знаеме да ја преточиме во многу работа од која резултатот се решени комунални и инфраструктурни проблеми, нови водоводи, канализации, училишта, градинки, патишта и 10.359 реализирани ветувања за општините и граѓаните. Овие резултати покажуваат дека стоиме зад тоа што го говориме, дека граѓаните може секогаш да се потпрат на ВМРО-ДПМНЕ и политичките партии кои стојат зад оваа декларација. Овие резултати ветуваат дека тоа што ќе го понудиме и на овие локални избори ќе биде преточено во нови километри асфалт, нови цевководи, нови објекти, нови подобрени услуги за граѓаните. Затоа слободно може да кажеме дека ова не е само декларација потпишана помеѓу политички партии, туку е декларација потпишана со граѓаните, која својата верификација ќе ја добие на 15 октомври со една убедлива победа на локалните избори“, рече Груевски.
Тој потенцира дека овие локални избори не се само обични избори за градоначалници и локални совети, туку избори за Македонија.
„Минатиот период Владата покажа неспособност да се справува со проблемите на граѓаните. Видете ги штетите за само три месеци, пад на економијата и на индустриското производтсво, пад на просечните плати, растот на трошоците за живот и цените на производите, кампања против инвеститорите и хаос во секој ресор на нивното работење. Тоа е одраз не само на нивното незнаење туку и на нивната катaстрофална кадровска политика. Сега гледаме дека тоа го прават и во пресрет на локалните избори. На тоа ние ќе одговориме одлучно со најдобрите кандидати, со најдобрите визии, идеи и проекти во интерес на граѓаните. Нашата посветеност, одговорност и знаење ќе биде најдобриот одговор на хаосот и неизвесноста што СДС ги предизвика“, рече Груевски.
Тој изјави и дека Македонија ќе се врати на патот на успехот и развојот.
„Тој пат ќе го одиме ние заедно со граѓаните. Пред нас престојат нови победи. Овие победи ќе ги добиеме заедно со граѓаните, со многу работа и грижа за народот и државните интереси. Овие избори се ново утро за Македонија, каде што заеднички, сложно и обединето ќе продолжиме да работиме за граѓаните и за државата, да се вратиме на патот кој значи стабилост и сигурност. Секогаш сме за работа, проекти, решавање проблеми, секогаш на прво место ни е државата, на страната на Македонија“, тврдеше Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.