Daily news
(ВИДЕО) Груевски: Ова е класичен политички прогон
ВМРО – ДПМНЕ е нападната како никогаш досега во историјата на Република Македонија. И во цела Европа не се случило вакво политичко гонење на политичките противници. Стотина припадници на партијата се гонети со цел партијата да се уништи или замолкне, изјави денеска на прес-конференција во партиското седиште лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по најавите на СЈО дека има покренато обвиненија против повеќемина членови на партијата.
„Станува збор за политички, а не за правен процес. СЈО го изгуби кредибилитетот и стана инструмент за политички прогон. СЈО е канцеларија на СДС – носи одлуки без никакви правни докази“, обвини Груевски. Тој смета дека таквиот политички процес треба да финишира со политичка, а не со правна разврска.
„Целта е кршење на ВМРО и политичка елиминација. Таргетот е ВМРО, сите случаи се против партијата, кршење на ВМРО за слабеење на Македонија“, рече Груевски и порача : „Нема да успеат, нема да не скршат, ние остануваме на бедемот на државата“.
Поранешниот премиер смета дека во овој процес се нападнати и обвинители, судии, членови на ДИК, како и новинари, за тоа што критички ги опсервирале состојбите.
Обвиненијата на СЈО ги оцени како преседан од невидени размери, со цел да се заплаши судството и судиите да одлучуваат во прилог на СЈО.
Груевски во својот говор им се обрати директно на граѓаните порачувајќи дека „гревот на партијата е што цели 11 години биле на браникот на одбраната на државните интереси, што опстоиле на бројни закани за името и идентитетот на македонскиот народ, што одолеале на бројни штетни договори за нашата држава и платформи на други држави и што се бореле за унитарноста на државата“.
„Ова што се случува во Македонија го нема никаде во светот. Ова е срамен и кукавички чин. Треба да бидат свесни дека она што се обрзале да го прават пред нивните налогодавци нема да остане премолчено од нас“, додаде тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека нивната конструктивност како партија завршува после денешните обвиненија кои ги поднесе СЈО.
„Ние се плашиме само од судот на историјата, сега останува само историјата за суди. А СЈО ќе биде дел од една срамна историја, што ќе го увидат сите наскоро“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски ја нападна власта и рече дека се полни со гнев и со омраза, но дека ќе дојде време кога ќе се свртат работите.
„Врхушката на СДС разјарени од омраза се ситат од ова, но брзо ќе дојде денот кога ќе сфатат дека кругот брзо се врти. Она што дополнително загрижува е дека раководствоот на СДС биле во контакт со дел од обвинителите и ги координирале“, додаде тој.
Груевски оцени дека станува збор за класична политичка и антимакедонска конструкција и дека иднината тоа ќе го докаже, како и историската одговорност која ја имаат сите оние кои јаваат на бранот на еуфоријата.
Груевски не одговараше на новинарски прашања. Тој на крајот рече дека зад него стојат 170 илјади членови поддржувачи и над 450 илјади гласачи кои што го поддржале на изборите.
Габриела Д. Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.