Daily news
Груевски: Остануваме единствени и сплотени, ВМРО наскоро ќе се врати како победник
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на одбележувањето на 27 годишнината од основањето на партијата најави нејзино големо враќање и победа , кадровско засилување и реформирање.
ВМРО мора да се подобрува и реформира, да ги подобри односите со меѓународната заедница и да создава автентична политика кон помалите етнички заедници и да се разбијат стереотипите кон албанските гласачи“, порача Груевски на прославата која што вечерва се одржува во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје.
Според него, партијата е во фаза на кадровско освежување, внесување на нови политики и нова енергија меѓу членството. Груевски најави внатрепартиски консултации околу идното делување на партијата. „Тој во својот говор директно се обрати до владејачката СДСМ, набедувајќи ги дека водат засилена медиумска кампања за растурање на ВМРО-ДПМНЕ, што им оди во прилог на сите оние што и мислат лошо на државата.
„Остануваме заедно, сплотени, единствени. Ќе дојде брзо денот кога ВМРО ќе се врати и ќе покаже зелост да ја води државата. Ние мора да ја разбиеме искривената слика која што СДС за нас“. рече Груевски.
Тој се обрати и до албанскиот електорат, порачујќи дека медиумите создале лажна слика во јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ е против албанските граѓани и дека наскоро народот ќе го сфати тоа. „И Албанците ќе сфатат дека со СДС се е ветер и магла“, рече Груевски.
Тој меѓудругото порача дека не се плаши од хајките кои СДСМ ги води против него и му порача на членството дека мора да биде зрело, единствено и дека не смее да се плаши, но и да верува во исправноста на одлуките кои ги носеле.
Груевски критикуваше дека СДСМ се фокусирале само на хајки и лична омраза против него, како и на судски прогон на членови на партијата, а во меѓувреме замреле сите реформи и дека нема ниту покана за НАТО и ЕУ, ниту 500 евра ветена просечна плата. Судството и медиумите, според Груевски, се под контрола на Заев.
„Над 120 партиски членови се повикани во СЈО, за да создадат слика дека ВМРО-ДПМНЕ работи нечесно и нетранспарентно. Нема да ме чуди ако притиснат некој судија без доказ да донесе пресуда“, рече Груевски.
Тој упати критики и за медиумите. „Овие денови не гледав ниту еден критички прилог на најгледаните четири телевизии против власта. Активностите на ВМРО-ДПМНЕ речиси и да ги нема на овие телевизии. За такви слободни медиуми се бореше Зоран и СДС“, рече Груевски во говорот и додаде: „Во нивните настапи има многу неискреност и создавање лажна слика. Се „пењават“ без срам и сечат ленти на наши фабрики“.
Тој се осврна и на повиците за насилство кои се се позачестени. „Гледам дека во последно време се најавуваат улични борби, некои териростички групи, се праќаат афективни пораки, но тоа е се заради емотивен набој. Но, јас сметам дека тоа не е решение за Македонија. Такво нешто нема да дозволам. Ако цената за тоа е мојата судбина – еве ме“, порача на крајот од своето обраќање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој побара од членството да остане единствено и сплотено.
Габриела Д. Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.