Daily news
Груевски: Повикот за предвремени избори останува отворен
„Принципот победник со победник повеќе не важи, со понатамошни чекори спротивни на деловникот, спротивно на волјата на народот, се издејствува новото мнозинство, а наскоро и нова Влада“, рече лидерот на Никола Груевски во расправата пред гласањето за новата Влада.
„ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За подобра Македонија’ направија сè што е во наша моќ. Ќе има голема штета од личните и партиските интереси. Главната причина во однос на нашата смена беа политиките за името на Македонија. Времето ќе покаже кој е во право. Народот ѝ даде најголема поддршка на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ трпеше порази. Сакам да ги потсетам СДСМ што тие ни оставија, а што ние оставаме.
За почеток ќе кажам дека ние во 2006 затекнавме едвај 1 милион евра на сметката на Македонија и долгови од 30 милиони евра. Тоа беше блокирана сметка. За разлика од нив, оставаме полна каса и здрав буџет, со намалени даноци од оние кои ги наследивме. Го намаливме ДДВ-то за лекови, јавен транспорт, туризам, масло за јадење и друго. Затекнавме високи даноци. Минатата година Македонија беше прогласена за држава со најмали даноци. Сега, по изборите имаме конкретна најава за 80 зголемувања на персоналниот данок на доход. Оние кои со своето образование и труд се бореле за висока плата, ќе земаат пониска.
Наследивме државен долг од околу 39 осто од бруто домашниот производ, а сега и покрај сите кризи, нивото на државниот долг е речиси исто. Таа една од најмалку задолжените. Денес над 732 илјади граѓани се вработени. Оставивме над 170 илјади повеќе вработени од што затекнавме, а тоа е најважно за сите граѓани на Македонија. Денес отворањето нови фабрики е секојдневие, затворањето вистинска реткост. Немавме ниту еден инвестициски промотор, но најдовме цел тим луѓе од дијаспората. Денес доаѓа состав на влада која нема да се заморува со тоа. Има две работи за кои цел свет ни честиташе, а тоа беше отворање нови работни места и ниски даноци.
Новата власт бара враќање на сè по старо. Ние имаме донесено до крај договори за влез на компании во Македонија, а со тоа и нови работни места. Покрај ова, многу нови работни места и програми за наредните три години. Просечната плата во 2006 беше 11.700, а денес 22.700 денари. До 2006 владата на СДСМ одбиваше да се прецизира најмала плата, денес имаме. Најниските пензии во Македонија пораснаа над 70 отсто. Субвенции за земјоделците речиси немаше, а денес 1 милијарада се исплатени. Платите во администрацијата се покачени над 30 отсто.
Македонија ја наследивме со граѓани кои очекуваа визии. Денес се патува низ светот без визи. Реформи од нас ќе се бараат секогаш. Новата влада се сили дека ќе ги направела новите реформи од Европската комисија. Ние направивме многу реформи во судството, администрацијата и медиумите. Овие кои следуваат ќе бидат такви. Пак по 4-5 години ЕК ќе побараат нови. Реформите се процес и така треба да биде.
Наследивме земја од СДСМ која беше на дното по индексот на корупција. Ако по утрото денот се познава, тогаш времето ќе покаже кој е во право. Сè што правевме правевме за сите. Не ги делевме меѓусебно. Тоа што некому му беше потребно да создаде негативна перцепција кај Албанците е краткорочен успех бидејќи нашите дела и проекти ќе останат кога оваа вештачка магла ќе се крене. Честитки за надорот кој мирно и упорно протестираше цели 80 дена, честитки за претседателот на државата и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од утре СДСМ ја презема одговорноста за водење на државата. Знам дека во првите 6 месеци одговорноста ќе ја префрлате кај нас, а тоа ќе биде само оправдување на неспособноста. По 26 години демократија, народот е искусен и тоа нема да ви помине“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Грувески, кој додаде дека партијата ќе се бори за интересите на државата.
„Државниот ќе остане пред партискиот и личниот интерес. Членството во НАТО и ЕУ ќе остане приоритет. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на браникот на државата. Повикот за предвремени парламентарни избори останува отворен“, рече Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.