Daily news
Групи на „Фејсбук“ промовираат инцест и педофилија
Две групи на „Фејсбук“ веќе извесен период отворено промовираат и повикуваат на инцест, педофилија и што е можно поодвратни форми на сексуално однесување, пишува хрватски „Индекс“. Групите сосема јавно и без цензура постојат за корисниците од Хрватска и регионот.
Едната има над 1.800 члена, а другата околу 200, а пристапот им е, без разлика што ви зборувале за безбедноста на интернет и службите што го надгледуваат, застрашувачки едноставен. Поточно, со два клика од кое било дете што ја користи таа социјална мрежа се наоѓа содржина од која на возрасните им се превртува желудникот.
Новинарка на „Индекс“ со лажен профил, без никаков проблем и со еден клик, станала членка на групата и минала неколку дена во комуникација со членовите. Немало никаква недоверба, никакви проверки.
А сликовните материјали и текстуалната содржина, кои следуваат истата секунда по приемот во членството, а потоа и со пораки, со кои членовите меѓусебно едни на други се обраќаат, се толку настрани и шокантни што не може ни да се замисли.
„Најмногу сакам помлади од 13“, „Кој од вас ја е..е својата мајка?“, „Прераскажете ги своите искуства со инцестот“, „Најслатко е меѓу брат и сестра“, „Бараме уште еден пар за инцест“, се само некои од објавите на кои потоа членовите воодушевено и без никаков проблем дискутираат. Ги величат педофилите од своите вистински профили, а групите се полни со девојчиња.
Иако новинарката очекувала дека повеќето профили што ги користат членовите се лажни, односно дека не се регистрирани со вистинското име и презиме на личноста, тоа се покажа како целосно погрешно. Значителен дел од членовите на групата имаат вистински профил, што по неколку часа пребарување на интернет, може мошне лесно да се утврди.
Но, мошне загрижувачки е уште еден тренд, во таквите групи по својата доза внимание доаѓаат девојчиња од целиот регион. Иако, според фотографиите, апсолутно е невозможно да се одреди нивната возраст, според пораките и коментарите што ги оставаат, прилично е јасно дека станува збор за деца.
За да го добијат вниманието на постарите членови на групата, на девојчињата повеќе не им е доволно да облечат мини-здолниште под кое очигледно не носат долна облека, фотографија со отворено деколте од кое се гледаат брадавиците, наведува „Индекс“. Има многу фотографии со лезбиски односи, а една одлучила да ги надмине сите други членки, па во борбата за лајкови објавила фотографија со намокрени прсти, кои претходно претпоставувате каде ги ставила.
Некои отворено бараат спонзори, точно со тој назив, а некои само бараат друштво кое ќе ги повика на море и ќе им го финансира шетањето.
Една од администраторките на групата е од околината на Сисак. Администраторите се менуваат, но во текот на тие неколку дена, кои новинарката на „Индекс“ ги минала во групата, се смениле тројца или четворица. Станува збор за девојка од 20-ина години од Белград, малку постара девојка со српско потекло, која живее во странство. Бошњак, кој живее во Шведска, и девојка, која живее во околината на Сисак. Оваа последната на својот приватен профил ги користи своето вистинско име и презиме, името на партнерот и местото на живеење.
Меѓутоа, алармантно, но, за среќа, и неточна е информацијата што ја навела на профилот дека работи како готвачка во еден дом за деца. Но, застрашувачки податок за администраторката од околината на Сисак со типично пубертетски објави на својот профил е дека има мало дете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.