Daily news
ДЗС: Поскапеле комуникациите, алкохолот и цигарите
Трошоците на живот во 2017 година пораснале 1,4 отсто, а цените на мало 3,2 отсто во споредба со 2016 година, покажаа Индексот на трошоците за живот на Државниот завод за статистика. Трошоците за живот лани во декември се зголемиле 0,1 отсто во однос на претходниот месец, а цените на мало пораснале 0,4 отсто.
Пораст на трошоците на живот во 2017 година е забележан во групите: комуникации, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, транспорт, ресторани и хотели, за облека и обувки, рекреација и култура, мебел, покуќнина и одржување на покуќнината, храна и безалкохолни пијалаци. Намалување има во групите: здравје и други стоки и услуги – 0,6 отсто, образование – 0,3, домување, вода, електрика, гас и други горива – 0,2 отсто.
Пораст, пак, на цените на мало е забележан во групите: услуги – 5,5 отсто, индустриско-непрехранбени производи – 2,3, земјоделски производи – 0,9 и индустриско-прехранбени производи – 0,8 отсто. Групата пијалаци е на ниво од претходната година. Трошоците на живот лани во декември во споредба со истиот месец од 2016 година пораснале 2,4 отсто, а цените на мало 4,9 отсто.
Порастот на трошоците на живот во декември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките цени на компирот – 1,8 отсто, јајцата – 1, сирењето и урдата, маслото и маснотиите – 0,7, оризот – 0,6, другите прехранбени производи – 0,4, трбушките, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук – 0,2 отсто.
Пораст на трошоците на живот е забележан и кај болничките услуги – 6,2 отсто, течните горива за домаќинствата – 3,9, авионскиот превоз на патниците и туристичките пакет-аранжмани – 2,1, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, другите лични предмети, за дрва, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства – 1,8, гасот за домаќинствата, градините, растенијата и цвеќињата и услугите за сместување – 1,2, средствата за чистење и одржување на станот – 0,8, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за под – 0,7, услугите за култура – 0,5, текстилот за домаќинствата, услугите за рекреација и спорт – 0,4, цврстите горива, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за домаќинствата, мотоциклите, домашните миленици и сродни производи и угостителските услуги – 0,2 отсто.
Намалување во декември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје – 2 отсто, брашното и другите жита – 0,7, рибата и морските плодови – 0,5, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, – 0,4, безалкохолните пијалаци – 0,3, другите пекарски производи, сувото овошје и јаткастите производи – 0,2 отсто.
Намалување на трошоците на живот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти – 5,2 отсто, обувките – 1,8, дисковите, касетите, дискетите, цедињата, филмовите – 1,3, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема – 1 отсто, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа – 0,9, мебелот за домаќинствата, информатичката опрема – 0,6, големите електрични апарати за домаќинствата – 0,4, малите електрични апарати за домаќинствата, телефон и телефакс-опремата – 0,2 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.