Daily news
Димовски: Грубо се кршат процедурите за донесување на Законот за двојазичноста
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска во име на сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и кoлицијата „За подобра Македонија“ остро регира, како што вели, на грубите прекршувања на процедурите поврзани со донесување на Законот за двојазичноста и за двојазичната федерализација, кој денеска парламентарното тенко мнозинство на чело со Талат Џафери, спротивно на огромен број деловнички одредби во Деловникот за работа на Собранието, се обидува да го протурка спротивно на праксата и спротивно на регулативите.
„Прекршен е член 118, став 4, кој предвидува дека со одлука за основање на работните тела и анкетните комисии се утврдуваат делокругот и бројот на членовите на комисиите. Ние имаме одлука со која како Деловник и надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, меѓу другото, е предвидено и правото на употреба на јазиците и писмата на заедниците. Оваа Комисија од страна на Џафери не беше прогласена за матична иако одлуката и Деловникот наложуваат токму оваа Комисија да биде матична, па спротивно на оваа одлука и спротивно на Деловникот за работа на Собранието матична комисија беше прогласена Комисијата за европски прашања, која никогаш досега не била прогласена за матична комисија за закон од ваков обем и ваква проблематика“, изјави Димовски.
Според него, прекршен е и член 135, став 4 , кој предвидува дека кога предлог на закон содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на ЕУ, во воведот на законот се наведуваат и податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, број и датум.
„Во воведот на овој предлог-закон не постои изворен акт, не е наведен изворен акт на ЕУ со полн назив, број и таму поради тоа што таков правен акт на ЕУ воопшто и не постои, но значајно е што во членот 135 со ова прашања и со неколку други прашања се регулира комплетноста на поднесокот на предлог-законот во процедура на Собранието. Значи, ова е неопходен услов за да може да се смета дека законот е комплетен и во согласност со Деловникот за понатамошна постапка. Според законот, колегата Џафери пред да го достави до пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите од овој Деловник, што не е направено. Значи, нема никакво барање од страна на Џафери до Владата и до Министерството за правда за усогласување со одредбите на овој Деловник“, вели тој.
Според Димовски, ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена, што не е направено, се смета дека предлогот на законот не е поднесен. „Со овој закон очигледно е дека се прекршува и на некој начин се поништува Охридскиот рамковен договор. Ние бараме овој закон целосно да се усогласи со Уставот и со Охридскиот рамковен договор. Второ, бараме да се отстранат сите процедурални прекршувања што се направени свесно за да може Собранието во една нормална атмосфера, нормална состојба и широка состојба, да расправа за прашањата поврзани со овој закон“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.