Daily news
Захариев: Предметот е кристално чист – ова е политичка пресметка
„За мене не е изненадување во овој период да следуваат кривични пријави, можеби и повеќе ќе има – во изборна кампања сме. Јас сум кандидат за градоначалник, нивниот кандидат, најверојатно, има потреба од ваква поддршка за да може да освои некој поен кај граѓаните. Веднаш да кажам дека за овие 4 години Захариев работеше законито, професионално и одговорно, што резултира со 450 проекти. Тие проекти се градат и најверојатно им пречат на политичките конкуренти и кога сме во изборен период тие поднесуваат кривична пријава“, се вели во реакцијата на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, за кого полицијата денеска поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според Захариев, станува збор за компанијата „Актива“ и за објект на улицата Гоце Дечев. Оваа компанија со преддоговор платила 1,5 милион денари за комуналии. „Во меѓувреме таа компанија го направила објектот иако немала одобрение за градење и со Законот за легализацијата го легализира и за тоа си плати. Подоцна го дооформи објектот, но останаа да висат 1,5 милион денари за комуналии. Објектот веќе е легализиран по друг основ. Општина Штип требаше да биде тужена од страна на „Актива“ за тие 1,5 милион денари од страна на ЈП „Штип проект“ да бидат вратени и тоа со камати. За среќа, „Актива“ почна да гради нов објект, а тоа е „Актива аутомотив“ во индустриската зона Запад со белгиски „Ван Хул“ и тоа беше шанса да се пребиеме бидејќи за објектот направен во 2004, кога јас не сум бил градоначалник, а со Законот за легализацијата си платија, висеа 1,5 милион денари за комуналии. Ние моравме да ги враќаме тие пари назад“, вели Захариев.
Според него, предметот е кристално чист и ова е политичка пресметка,. „И македонската и штипската јавност треба да знае дека за секој проект од страна на полциијата во изминатите 4 години следуваше кривична пријава. Имаше над 40 истраги и ниедна кривична пријава не е процесирана, што е доказ за мојата чесност и одговорност. Ние никогаш нема да дозволиме, а посебно јас, да направаме нешто што ќе биде незаконито. Ние се радуваме што „Актива“ направи огромна фабрика, а сега гради и втор погон и вработи над 350 лица. До денер ѝ исплатила сè на Општината и беше фер и коректна и не нè тужеше за тие 1,5 милион денари за да ги вратиме и плус камати. Мислам дека овој предмет треба Обвинителството да го истражи докрај и да покаже колку МВР работи во прилог на една политичка партија. Ние спокојно ја продолжуваме кампањата, за нас нема дилеми и ние сме убедени во победа на 15 октомври, и тоа со резултат 3:1, така што таквата помош на слабиот противкандидат и конкурент на другата партија не му требаше во овој момент“, се вели во реакцијата на Захариев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.