Daily news
Знаци кои укажуваат на тоа дека работите со психопат
Како што најверојатно ви е познато, психопати има повеќе отколку што можеби мислите, а повеќето од нив тешко може да се забележат од првите неколку средби.
Сепак, сите тие споделуваат некои одредени заеднички однесувања, тврди експертката Лилиан Глес, која долги низа години соработувала со ФБИ, помагајќи им во откривањето на лажговците и сигналите кои упатуваат на измама.
Неодамна ја напиша книгата „Говорот на телото на лажливецот“, Бизнис инасајдер издвои дел од начините на кои ќе го препознаете психопатот колега, соработник или шеф.
Секогаш во говорот користат минато време
Истражувачите откриле дека психопатите многу почесто користат минато време од сегашно, што е јасен показател дека не се присутни во сегашноста, тврди Глес.
Изјавите често им содржат причина и последица
Со оглед на тоа дека психопатите сметаат дека се на светот, вклучувајќи ги и другите луѓе, се нешто што им припаѓа ним, истражувачите на Јуниверзити Бритиш Колумбиа откриел дека тие многу почесто од обичните луѓе ги употребуваат фразите „затоа што“, „така што“. Така ги рационализираат своите постапки со сопствената логика.
Често зборуваат за своите потреби
Бидејќи ретко некој друг ги преокупира, многу зборуваат за сопствените основни потреби, како што се храната, живеалиштето, облеката. А кога зборуваат за тие работи најчесто употребуваат двојно повеќе зборови отколку инаку или соговорниот го затрупуваат со голема количина информации.
Не преземаат одговорност или вина
Психопатите најчесто мислат дека тие се жртвите, што доаѓа од тоа дека имаат чувство дека тие имаат право на се и во се.
Често се противречни
Контрадикцијата може да се случи дури и во рамките на една единствена реченица.
– Психопатот ќе лаже или ќе ја одбегнува информацијата кога ќе ги прашате нешто, но би можело да ви ја каже вистината ако малку го преформулирате прашањето. Истражувачите откриле дека тоа има врска со посебниот начин на кој нивниот мозок вмрежен, тврди Глес.
Многу лошо им оди плачењето
Кога психопатите плачат, многу често ќе ги бришат солзите под едното па под другото око, во правилни интервали. Глес пишува: -Кога луѓето искрено плачат, плачат наеднаш од двете очи. И затоа ги бришат паралелно.
Говорот на телото не им е во сооднос со она што го зборуваат
Глес тврди дека психопатите често зборуваат едно, додека нивниот говоро на телото укажува на спротивното. На пример, додека го изговара зборот „не“, психопатот потврдно ќе кимнува со главата или обратно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.