Контакт

Daily news

Зоран Заев во експозето најави реформска Влада

Објавено пред

Ви го пренесуваме интегралното обраќање, експозето пред пратениците на мандатарот за состав на нова влада, Зоран Заев.

dobivaj vesti na viber

Почитувани пратеници во Собранието на Р.Македонија, гости од дипломатскиот кор, претставници од домашните институции, почитувани граѓани,

Денеска застанувам пред сите вас, овде во салата и надвор од неа, со достојна почит кон сите кои верувавме дека Македонија ќе ја добие битката за демократијата, како и кон оние кои почнуваат да веруваат во оваа реалност, и:

Најавувам дека ќе предводам реформска Влада!

Ветив: на работничките од Штип, на лозарите од Кавадарци, на земјоделците од Пелагонија, ветив на дуќанџиите низ нашата држава, на сопствениците на домашните микро, мали и средни претпријатија, на лекарите и пациентите, на учениците и професорите, на пензионерите, ветив на мајките и татковците кои копнеат по децата во странство – дека носиме живот во Македонија за сите!

И да,
Три клучни темели ќе гради новата реформска Влада:

-Новата реформска Влада ќе биде посветена на економијата и живот за сите!
-Новата реформска Влада ќе биде посветена на силни професионални институции и правда за сите!
-Новата реформска Влада ќе биде посветена на Европската унија и НАТО и перспективи за сите!

На тоа се обврзувам овде, во Законодавниот дом низ којшто ќе ги носиме одлуките, пред вас народните избраници, од кои ја барам довербата за составот на новата Влада и за Програмата на новата Влада.

Ова се луѓето кои пред мене се обврзаа, а барам и пред вас и пред граѓаните да го исполнат својот збор, како што и јас го давам својот збор: Ќе работиме чесно и посветено, исклучиво за потребите на граѓаните на Република Македонија!

Ова е Програмата на новата реформска Влада на унитарна Република Македонија.
Она што е во неа напишано, со рака на срце порачувам, завет е, ќе работиме напорно, ден и ноќ да го исполниме!
Граѓаните на Македонија да живеат спокојно и квалитетно.
Република Македонија да оди напред!

Во составувањето на Програмата на новата Влада, се водевме исклучиво од принципите прифатливи за сите граѓани на Република Македонија.
Програмата на новата Влада на Македонија ги содржи принципите на предизборната програма на СДСМ, Планот за живот во Македонија, како и начелата на предизборните програми на партиите кои освоија пратеници во Собранието и кои се дел од новото парламентарно мнозинство, но има и неколку одлични работи од програмите на другите партии и партии кои немаат пратеници.

Најавувам дека Република Македонија ќе биде држава за сите граѓани.
Определени сме да градиме едно, обединето општество, кое што ќе обезбеди стабилност за граѓаните и во државата.

Ќе ја развиваме Македонија кон Европската унија и НАТО. ЕУ и НАТО се стратешки интереси на Република Македонија. Преземаме обврска целосно да ги имплементираме Итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе, кои и се дел од Договорот од Пржино.
Наша цел е почеток на преговори со Европската унија во најкраток можен рок.
Наша цел е и членство во НАТО Алијансата во најкраток можен рок.

Главен фокус на Програмата на новата Влада е развој на економијата и кревање на животниот стандард на граѓаните.

Наша цел е просечна стапка на раст на економијата повисока од 5 проценти во периодот на мандатот.

Минималната плата на работниците, уште во првата година од мандатот законски ќе ја зголемиме на 12.000 денари и ќе се однесува на сите работници, вклучувајки ги и вработените во индустријата за текстил, облека и кожа. Наша цел е 16.000 денари минимална плата за работниците загарантирана со закон, до крајот на мандатот на оваа Влада.
Наша цел е до 30.000 денари просечна нето плата во Република Македонија.

Приоритет на новата Влада е поддршка на домашните мали и средни препријатија. Ќе создадеме предвидлива и деловна клима без притисоци и репресии. Новата Влада ќе ја зголеми за 100 пати директна државна поддршка за малите и средни препријатија. Во првата година од мандатот, ќе настојуваме таа да изнесува 20 милиони евра. Ќе го поттикнеме извозот на производи од домашни компании. Ќе ги поттикнеме сопствениците на домашните претпријатија да ги прошируваат своите производствени капацитети.

Владата, уште во првите 100 дена од мандатот ќе го објави вкупниот износ на сите доспеани обврски на државата и ќе изработиме план со јасни рокови за нивно плаќање. Новата Влада ќе води политики на навремено плаќање на доспеаните обврски кон претрпијатијата, со што нема да се загрозува нивното функционирање. Така ќе овозможиме услови претпријатијата да отвораат нови, реални работни места и во нив работниците да земаат повисоки плати.

Паралелно ќе работиме и на враќање на парите кај граѓаните и намалување на трошоците на живот.
Владата ќе воведе нов систем “Повеќе пари кај граѓаните“. На граѓаните ќе им се враќаат по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки, со исклучок на данокот на луксузни производи.

Семејните буџети ќе ги зголемиме и со тоа што ќе бидат намалени повеќе давачки:
-Новата Влада ќе ја врати дневната евтина тарифа на струјата и граѓаните ќе имаат евтина струја цел викенд, а не само во недела.
-Граѓаните кои не користат парно, нема да го плаќаат.
-Ќе воведеме праведно плаќање на јавните давачки: за градинка,комунални такси и други давачки…
Кој има помалку, ќе плаќа помалку, а граѓаните со најнизок доход воопшто нема да ги плаќаат овие давачки.
-Ќе ги намалиме казните
-Новата Влада ќе ја укине радиодифузната такса!
-За секој да може болнички да се лекува, ќе воведеме бесплатно болничко лекување преку укинување на болничката партиципација за сите осигуреници.
-Владата ќе ги намали судските, адвокатските и извршителски трошоци и каматите!
-Новата Влада ќе ги намали за 50 проценти трошоците за комунален надоместок за куќа до 150м2.
-Владата ќе воведе студентска платежна картичка за млади, со попусти за меѓуградски превоз, за спортски и културни настани и други потреби.
-Ќе воведеме енергетски ваучаери за струја и затоплување за најзагрозените граѓани.
-Новата Влада ќе обезбеди гасификација до секој дом со што ќе се намалат до 50 проценти енергетски торошоци за секое семејство.
-За земјоделците, ќе има субвенции за нафта од 30 до 50% и за механизација од 30 до 50%. Граѓаните на кои земјодлеството им е основна дејност нема да плаќаат персонален данок.

Субвенциите за земјоделците ќе бидат покачени на 160 милиони евра и ќе бидат редовни.

Ако граѓаните имаат повеќе пари, тие повеќе и ќе трошат и на тој начин ќе се раздвижи економијата. Со растот на економијата новата Влада ќе обезбеди и повисоки плати во јавниот сектор.

За да ги задржиме квалитетните лекари во јавното здравство, новата Влада за време на мандатот ќе ги качи платите на специјалистите до 100.000 денари. Двојно ќе бидат зголемени платите на здравствените работници.

Ќе обезбедиме и повисоки плати за наставниците.

Што се однесува до образоването, најавивме и ќе го укинеме екстерното тестирање, а квалитет на наставата и мотивирани наставници ќе обезбедиме преку награди за наставниците и училиштата, а не казни.

И сакам овде јавно да порачам дека е доста од реваншизми и партиски отпуштања. Се обрзуваме на ефикасна и професионална администрација. Никој да не чувствува страв за работното место. Да не работи под притисок на партиски уцени. Ќе го решиме проблемот со државните службеници кои долго време примаат плата, а не се распоредени на работни места, на тој начин што ќе усвоиме план за нивно итно распоредување на работни места и професионални ангажмани. Една од мерките е и воведување двосменско работење во неколку клучни државни институции, од 08 – 20 часот, што ќе им користи и на самите граѓани, кои повеќе нема да мора да земаат боледувања за да завршат административна обврска.

Клучна цел на Владата во социјалната политика е да ја намали стапката на сиромаштија под 16 проценти во 2020 година. Предвидуваме политики што ќе ги извлекуваат корисниците на социјална парична помош од сиромаштија.

Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот.

Посебно сакам да нагласам дека Новата Влада ќе посвети големо внимание да ги мотивира младите да останат да живеат и работат во Македонија.

Ќе воведеме проект “Гаранција за младите“ преку којшто државата ќе овозможи на младите луѓе во рок од 4 месеци од завршување на школувањето понуда за вработување, продолжување на образованието или пракса како подготовка за вработување.

Новата Влада ќе овозможи неповратни средства за млади, од 10.000 евра, за добра бизнис идеја.

Можност за вработување на младите ќе бидат старт ап центрите што планираме да ги отвориме во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди бесплатен деловен простор за новоосновани компании, со заеднички служби: одржување, архива, сметководство и слично.

Новата Влада ќе овозможи и формирање фирма со само 1 евро основачки капитал, како и поволни кредити со само 1 процент годишна камата за отворање мирко бизнис.

Со сето ова создаваме услови за нови вработувања.

Една од важните владини политики ќе биде рамномерен регионален развој. До крајот на мандатот ќе стигнеме до целта, еден процент од БДП да оди за рамномерен регионален развој. Тоа е некаде околу 80 милиони евра. Ќе ги зголемиме двојно парите за рамномерен регионален развој на сите осум плански региони уште во првата година од мандатот и ќе го продолжиме тој тренд на зголемување на средствата за потребите на граѓаните. Распределбата на парите до општините ќе биде правична и транспарентна.

Освен економски развој, најавив дека Македонија ќе биде правна држава. Најсериозна реформа ќе биде реформата во правосудството.

Се обврзувам на одговорна Влада за што ќе обезбедиме и соодветна контрола над власта.
Институциите да работат независно и професионално. Граѓаните во секое време да знаат за што се наменети буџетските пари.

Освен одговорна, ќе бидеме и отворена и транспарентна Влада.
Сите одлуки важни за граѓаните ќе ги носиме низ консултации со граѓаните и граѓанските здруженија.

Најавив дека освен економијата, приритет на новата Влада е да обезбеди владеење на правото и правда за сите. Новата Влада се обрзува дека ќе создаде услови за независен и ефикасен правосуден систем. Граѓаните заслужуваат независно, чесно и професионално судство и Јавно обвинителство. Затоа, ќе има резибор во судството според познати европски пракси далеку од рацете на политичарите.

Ќе формираме специјално одделение во Основниот суд 1, во чијашто надлежност ќе бидат предметите што ги покренува Специјалното јавно обвинителство. Ќе направиме се што е во наша моќ да овозможиме институционално и целосно заокружување на случаите што сега ги води Специјалното јавно обвинителство.

Во Програмата обезбедуваме механизми на контрола над следењето на комуникациите.
Ние сметаме дека следењето на комуникациите во кривични истраги и за безбедносни намени треба да бидат одделни функции. Разузнавачките служби кои имаат надлежност во следењето на комуникациите мора да имаат јасен мандат даден со закон.

За објективно информирање на граѓаните, на што тие имаат право, ќе го земеме превид Предлогот за итни демократски реформи (т.н. Blueprint) создаден од граѓанските организации, а националниот сервис, МРТВ ќе се реформира и ќе работи независно од политички или други влијанија.

Неопходно е да го обновиме општетсвото освен на демократски и материјален, исто така и на морален план. Тоа ќе го правиме и преку негување слободна европска култура.
Новата Влада ќе промовира културна демократија којашто го промовира учеството на сите граѓани во културата и во културните политики. Културата ќе биде прогресивна, за да отвора простор за нови вредности.
Се обврзуваме дека ќе овозможиме соодветна употреба на јазиците на заедниците, со што ќе овозможиме сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права, без притоа на каков било начин да биде загрозен македонскиот јазик.
Новата Влада ќе предложи и нов Закон за спортот, со што ќе се обезбеди статусот сопртист, како и стабилно финансирање на спртската дејност од ценралниот и од локалните буџети. Бројот на граѓани кои сега спортуваат е 2 проценти, а нашата цел да се зголеми на 20 проценти.
Новата Влада во првите 2 години ќе инвестира 600 милиони во инфреструктура, а ќе го развиваме и туризмот.

Почитувани пратеници и почитувани граѓани,

Ова се само некои од предвидените мерки во Програмата на новата реформска Влада со кои сериозно ќе ги стабилизираме животот и егзистенцијата на граѓаните на Македонија. Сето ова секако дека нема да биде завршено во првите 100 дена.
Но мора да почнеме и повикувам да го сториме тоа сите заедно.

Навистина, нè чекаат сериозни реформи.
Нè чекаат големи предизвици.

Претстои сериозна работа, сериозни реформи за што секако дека главната одговорност ја презема новата Влада. Но потенцирам дека општеството е срушено и дека е потребна вклученост од сите.

Ова не се времиња за калкулации и лични интереси. Завршија тие времиња.
Ова е време на граѓанинот.
И јас сум уверен дека сите што им мислат добро на државата на граѓаните, сакаат да живеат во општество на среќни граѓани.
Тогаш сите мора да застанеме зад реформските процеси што престојат!
Ова го зборувам за сите нас кои сме овде во оваа сала, а го зборувам и за граѓаните.

Поделени не можеме ништо да сториме.
Но заедно можеме да обезбедиме иднина за сите.
Нема да биде слабост, ако како две, три и повеќе страни сме заедно.
Има работи околу кои не смееме да се надмудруваме и докажуваме.
Тоа се граѓанските и државните интереси на кои сме обврзани сите.

Граѓаните имаат право да бидат политички определени или неопределени. Тие се и различни по националност. Тоа е богатството на Македонија. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други… Но сите, сите имаат право да бидат среќни. Сите имаат еднакво право да ги растат спокојно своите деца. Сите имаат еднакво право да имаат достојна старост. Сите имаат еднакво право да имаат еднакви шанси за успех. Сите имаат еднакво право еднакво да придонесуваат во општетството. И сите треба да придонесеме кон тоа.

Затоа, сакам да порачам:
Почитувани граѓани,
Ветувам дека ќе бидам премиер на сите граѓани на Република Македонија. Ќе обединувам, нема да делам. Ќе составувам, нема да кршам. Ќе обезбедувам перспективи, нема да изолирам. Ќе бидам вашиот премиер, без разлика дали на изборите сте гласале за мене и партијата на која и припаѓам, и мнозинството во Собранието, или не. Но барам од вас почит, како што јас сакам да ве почитувам сите вас.

Почитувани пратеници,
Ветувам дека ќе го слушам секој глас, на секој еден пратеник во ова Собрание на Република Македонија. Овде се гласаат законите. Вие ја давате поддршката на Владата. Вие имате право и да ја исправате Владата кога сметате дека е потребно. Ќе ве слушам, сите. Ќе водам инклузивни политики за сите клучни прашања за граѓаните. Но барам да бидете на ниво на одговорноста и во интерес на граѓаните да ги поддржувате потребните реформи за обнова на нашата држава, Република Македонија.

И на крајот, почитувани министри,
Ваша е одговорноста за граѓаните исто колку и моја. Не очекувајте да бидам министер наместо вас. Вам ви ја доверив таа обврска и должни сте да ја исполните кон граѓаните. Министерот не е назначен за да го прашува премиерот, туку за да предлага решенија. И јас така очекувам дека ќе работите. Секој мора да работи одговорно, отчетно, професионално.

Нула толеранција ќе имаме за криминал.
Нула толеранција за корупција.
Нула толеранција за врски.

Дојде време за Влада на граѓаните. Дојде време за институции на граѓаните. Ниедна Влада не оди против интересите на своите граѓани. И затоа, ќе бидеме покритични кон себе, отколку што ќе бидеме критични кон нашите политички опоненти.

Наш интерес се согласивме дека се интересите на граѓаните. И од овој начин на работа и на водење политика отстапки нема!

Почитувани граѓани и пратеници,

Ќе има целосна промена во начинот на водење политика во Македонија. Македонија е созреана за нов начин на водење политика. Политичарите мора да им служат на граѓаните. Тоа го правиме. И тоа ќе го правиме. Така ќе работиме.

Ова силно граѓанско општество што се изнедри, очекувам да го третираме сите како наш партнер затоа што тоа е алката со реалноста.

Сакам уште еднаш да повикам, сите да бидеме на ниво на одговорноста, и политичари, власт, опозиција, и граѓани. Пред себе имаме убава цел – живот, но и долг пат.

Заедно, имаме капацитет да ја направиме посакуваната промена.
Потребно е учество на секој во овие важни демократски процеси.
Затоа Бидете активни. Доведувајте ја вистината под прашање, за да ја објаснуваме и да се преиспитуваме. Така се зрее, така се учи. Демократијата подразбира созревање. Насушно ни е потребна општествена зрелост. Да се натрпеваруваме низ идеи. Да го остриме нашиот дух на морални вредности тргнувајки прво од својата совест. Ни требаат граѓани што размислуваат и дејствуваат, тоа е патот на прогресот и напредокот. Сите интелектуалци во нашата земја имаат обврска да се вградат во иднината на државата.

За да има такви граѓани, мора да има слобода. За да има слобода, партиите мора да ги тргнат рацете од државата.

Подавам рака кон секого! Слободниот живот мора да го почувствуваат сите граѓани. Македонија мора да биде и ќе биде држава за сите граѓани.

Знам дека има многу енергија во граѓаните на Македонија. Има креативност, посветеност и патриотизам. Има радост за промените, има и оптимизам. Повикувам на трпение, смиреност и одлучност за да ја постигнеме посакуваната цел.

Ќе работиме на квалитетен живот за граѓаните на Македонија на внатрешен план.
Ќе работиме на евро-атлантски перспективи на државата на наворешен план.
Ќе работиме на добрососедски односи со цел да градиме мостови за граѓаните и за Република Македонија.

А на граѓаните и на Република Македонија им е доста од изолација, ѕидови, предрасуди. Потребни ни се хоризонти на нови видици, таму каде што сонцето свети од сите страни и најавува живот за сите.

Јаз знам дека овие луѓе овде, на кои јас им ја дадов довербата, ја заслужуваат и вашата доверба да водат.

Почитувани пратеници,
Барам поддршка од вас за составот на новата Влада и за Програмата на новата реформска Влада!
Очите на целиот демократски свет се вперени во нас.
Ќе завршам со зборовите на нашиот почитуван прв претседател на независна Реупблика Македонија:
…„Ќе бидеме разбрани и почитувани, а нашите интереси респектирани од светот, доколку се развиваме како демократско општество, способно да ги уредува внатрешните односи по мирен пат, развивавајки секаков вид толеранција“.
Барам меѓусебна толеранција и разбирање за граѓанските и државните интереси.
Во тоа име, барам денеска поддршка за новата реформска Влада и заедно, заедно да зачекориме во напредниот свет кон новите хорозонти на евро-атлантското семејство, таму каде што припаѓаме и како граѓани и како држава подготвена за промените што ги избра.

Daily news

Прва правна конференција Tres Partes

Објавено пред

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.

dobivaj vesti na viber

Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.

Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.

Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.

Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.

 

Прикажи повеќе...

Daily news

Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Објавено пред

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.

dobivaj vesti na viber

Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.

За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.

Прикажи повеќе...

Daily news

Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Објавено пред

Spion

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.

dobivaj vesti na viber

Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.

„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.

Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.

Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија11 минути

Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче

Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче. Од МВР информираа дека вториот приведен е...

Македонија3 часа

„Рекет“ не е расчистен, барам фер шанса за да ја докажам својата невиност, Заев беше човекот што комуницира директно со сите, вели Бојан Јовановски

Бојан Јовановски, денеска, во Кривичниот суд предаде барање за повторување на кривичната постапка за предметот „Рекет“, во кој како првообвинет...

Македонија5 часа

МОН известило дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, а на 15 јуни и часовите пропшуштени поради самитот на ОБСЕ

Министерството за образование и наука (МОН) ги известило училиштата дека неработните денови на одржување на изборите ќе се одработат во...

Свет5 часа

САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како...

Свет6 часа

Небензја: Америка го крши духот на Палестинците, ги принудува да му се покорат на Израел

САД, кои ја блокираа резолуцијата за Палестина во Советот за безбедност на ОН, се обидуваат да ја скршат волјата на...

Македонија6 часа

Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање национално единство, и запирање на сите напади кон Левицата и ЗНАМ, државата е одземена од народот

„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО...

Македонија6 часа

Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра

Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде...

Свет6 часа

Си-ен-ен: Остин разговараше со Галант пред нападот на Иран, Вашингтон не ја поддржува оваа акција

Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, за „регионалните закани и...

Свет7 часа

Трамп: Опстанокот на Украина е важен за САД

Доналд Трамп рече дека опстанокот на Украина е важен за Соединетите Американски Држави. Поранешниот претседател поголемиот дел од својата објава...

Свет7 часа

(Видео) Светските медиуми: Израелски проектил го погоди Иран

Израел го нападна Иран, јавуваат светските медиуми. Ројтерс цитираше изјава од три лица запознаени со ова прашање, додека иранските државни...

Македонија16 часа

(Видео) Силјановска -Давкова: На 9 мај ќе го славиме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, но ќе славиме и за Македонија

„На 9-ти мај ќе го прославуваме Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа! На 9-ти мај, ќе ја...

Македонија16 часа

Мицкоски: Повикувам на обезбедување на македонско национално единство, обзнанувам мораториум и запирање на сите напади кон партиите Левица и ЗНАМ

Нашето име е ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО – демократска партија за македонско национално единство. Тоа е многу силно име, кое не само...

Македонија16 часа

(Видео) Ковачевски: Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа

Со Мицкоски и ДПМНЕ е можно само враќање назад во изолација и режим, далеку од Европа, рече претседателот на СДСМ,...

Македонија18 часа

(Видео) „Мицкоски на чист бугарски јазик му кажа на Борисов дека го поддржува договорот“, рече Пендаровски во Виница

Како дел од изборната кампања, кандидатот за претседател Стево Пендаровски попладнево беше меѓу граѓаните на општина Виница. На прашање на...

Македонија22 часа

Министерството за здравство за приватните специјализанти: Решение ќе има после изборите

„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив...

Македонија1 ден

Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести

Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие...

Македонија1 ден

Сексизам, дискриминација, навреди и говор на омраза од Пендаровски и лица вклучени во неговата кампања: Силјановска-Давкова со нова претставка

Гордана Силјановска-Давкова денеска поднесе нова претставка до Државната изборна комисија, Комисијата за заштита од дискриминација, ОБСЕ – Организација за безбедност...

Македонија1 ден

ДУИ симулира седница на која Бугарите влегоа во Уставот, Села е претседател на Собранието, а Османи на државата

„Европскиот фронт“ предводен од Демократската Унија за интеграција симулираше конститутивна седница на Собранието, со тоа, сликовито прикажувајќи што би се...

Македонија1 ден

Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар. Пред присутните Пендаровски...

Свет1 ден

ЕУ воведе нови санкции за Иран

Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок...