Daily news
Иванов во интервјуто за ХТВ со коментари за Заев и дијалогот со албанските партии
„Заев е пред се многу исплашен. Преплашен. Затоа што очигледно не го испорачал тоа што се очекувало од него. Влегол во туѓа игра во која што не може сега да излезе. Тој сега прави грешки. Кога е човек исплашен прави грешки. Тие негови грешки сега го внесуваат во многу потешка состојба од онаа кога почна сево ова. Кога сакаше преку снимки, кои како што вели тој, ги добил од странски служби, да ја сруши легално избраната Влада на Република Македонија“, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во интервјуто за хрватската телевизија, одговарајќи на прашањето која е причината за постапките на Заев.
Во интервјуто за ХТВ, Иванов посочува дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, 67-те потписи ги добил под уцена од албанските партии да прифати платформа која како што нагласи тој, е донесена во Кабинет на премиер на туѓа држава.
„Доколку јас дадам мандат на некој што прифатил платформа на туѓа држава, согласно нашиот Кривичен закон, членот 308, ја рушам независноста на државата. Во членот 308 изричито стои: тој што би ја довел државата во подредена состојба и зависност на друга државност се казнува до пет години“, вели македонскиот претседател.
Според Иванов, ниту Уставот, ниту неговата совест, ниту свечената заклетва која ја дал како Претседател на Република Македонија, не му дозволуваат да го даде мандатот на Зоран Заев и да си дозволи да ја доведе Македонија во подредена состојба и зависност од друга држава.
„Мојата заклетва се разликува од другите јавни функции и таму стои дека јас морам совесно и чесно да ја обавувам функцијата Претседател на Република Македонија. Да ги почитувам Уставот, законите, но и територијалниот интегритет, сувереноста и независноста на државата“, вели Иванов во интервјуто за ХТВ.
Во интервјуто за ХТВ Иванов се осврнува и на дијалогот со албанските партии, потенцирајќи дека „сите албански политичари кои поаѓаат од интересите на Република Македонија се конструктивни соговорници и секој што поаѓа од интересите на граѓаните што живеат во Македонија“.
„За се има решение ако се разговара, ако има дијалог. Ако вие немате дијалог, како ќе дојдете до решение. За се треба да се разговара, па и за сите прашања што тие сега ги отвораат со платформата. За се треба да се разговара, но да се знаат кои се интересите на државата“, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ, на прашањето кој е конструктивен партнер од албанскиот блок со кој може да се разговара за излез од политичката криза.
„Никој не посакува војна, или пак конфликт. Затоа што нема семејство во Македонија кое не страдало од двете балкански војни, светските војни, студената војна, конфликтот во 2001 година. Затоа и протестите што сега се случуваат се толку мирни и достоинствени, што никој не спомнува било каква состојба на конфликт“, додава Иванов.
На прашањето како ги коментира одредени написи за редефинирање на Балканот по пат на вооружен конфликт, како и заканите по опстојувањето на македонската држава, претседателот Иванов оценува дека таквите географски мапи се проекција на желби, а не на реалност.
„Ништо ново од тоа. Во кризни моменти, пак се враќаат старите приказни, стари мапи и стари карти за да ве заплашуваат. Македонија опстојувала и кога немала своја држава. Сега кога имаме своја држава настојуваме да си ја сочуваме својата сопствена држава. Затоа, грижата за државата и државниот интерес се приоритет при секоја одлука која се носи од моја страна“, изјави Иванов во интервјуто за хрватската национална телевизија ХТВ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.