Daily news
Иванов: Нема мандат без отстранување на правната и политичката пречка
Се додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам да го доделам мандатот за составување на владата, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за унгарската државна телевизија МТВА.Политичкиот проблем, односно тиранската платформа, според Иванов, е посуштествениот.
“Мнозинството беше обезбедено со уцена – да биде прифатена платформа на партии на Албанците од Македонија која е донесена во Тирана, во кабинетот на премиерот на Албанија”, вели Иванов.
Македонскиот претседател објаснува дека неговата одлука е превентивна, со цел да не се создадат уште поголеми проблеми.
“Видовме дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации”..”Ќе ги видиме резултатите какви ќе бидат, и од истрагите и од постапките и од отворањето на таа тема”, вели претседателот.
Најголем проблем на Македонија, според Иванов, е што странските фондации го етнизираа цивилното општество и го поделија населението по етничка основа.
“Има многу невладини организации кои навистина ги отвораат прашањата, проблемите и предизвиците со кои се соочува населението. И од нив имаат корист и населението и Владата и сите. Но, имаме и невладини организации кои едноставно се во функција на манипулација, притисок и отворање прашања кои не се од интерес на нашите граѓани”, подвлекува Иванов.
Во недостаток на европска идеја, вели Иванов, луѓето повторно влегуваат во гета, и сакаат да бидат само со своите, а не со другите. Тоа го гледаме преку изјавите што ги има во последно време од одредени политичари од Балканот, кои повторно ги будат етничките нетрпеливости, стереотипи”. Тој смета дека во таква ситуација, наместо земјата да се занимава со реформи, наметната е платформата на албанските партии.
“Европската унија ја испушти шансата да ги осуди таквите гестови и таквите политики кои сега земаат замав и се шират. Исто така не очекувавме ниту од НАТО да премолчи, што нејзина членка презентира такви проекти и доаѓаат такви изјави од политичари на тие земји. НАТО мораше да реагира и да го спречи, бидејќи еве сега тоа станува како домино. Почнува да се шири во другите земји, се враќа реториката која што е несоодветна за денешно време, се враќаат повторно големонационалистички идеи и проекти и тука состојбата е вознемирувачка. Затоа, населението реагира. Особено кај нас, нашето население јавно тоа го искажува преку мирни и достоинствени протести дека не е веќе време да се отвораат тие рани кои што мислевме дека сме ги затвориле со завршување на конфликтите на Балканот, со Дејтонскиот договор, со Охридскиот договор. Чувствителна е сета оваа атмосфера која што во последниве денови е во целиот регион. А тоа го користат и други актери кои се надвор од Европската унија и НАТО, кои што сакаат да имаат и свое влијание на овој простор”, зборува Иванов во интервјуто за унгарската државна телевизија.крај/мф/в.д
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.