Daily news
„Исцелител“ како плацебо-ефект за македонскиот филм
Публиката мотивирана, а никако монтирна, се поклони на дебитанското долгометражно остварување на младиот режисер Ѓоче Ставревски на синоќешната премиера на затворањето на фестивалот „Синедејс“. Френетичен неколкуминутен аплауз, искрен колку и самиот филм, го поздрави режисерот Ставревски, но и целата екипа на филмот „Исцелител“. На подобар прием кај публиката на македонски филм досега не можам да се сетам и, секако, априори кон филмот одат сите епитети што тој несомнено ги заслужува.
Нему му појде од рака тоа што долго се чекаше во македонската кинематографија, филм кој е опериран од лажни амбиции, сработен доследно и она што е најважно, стигнува во вистинскиот миг да ја зацели малку оваа негативна клима што од повеќе причини се наметна во нашатата кинематографија. Не дека Ставревски треба да ја носи оваа одговорност, но како Дизниевиот Мики Маус, кој го наместија да се справи со џинот, затоа што со еден удар сосема случајно утепа седум муви, така Ставревски со режисерскиот јазик брцна во окото на системот како млад социјално ангажиран уметник, се потруди да направи добар филм и растера повеќе муви наоколу.
Работен во манирот на црна комедија, со атмосфера и естетика што со години ја гледавме во филмовите на северниот сосед (најново во „Реквием за госпоѓа Ј.), но и таа граница се недминува, туку оди во насока на водечката романска кинематографија со која во успешна компетиција се и бугарската и грчката. Парира на филмските приказни, кои со помал и или поголем квалитет кружат на Балканот, комуницираат со Медитеранот, но секако ќе ги сакаат и препознаваат насекаде. Едноставен во целата драматуршка поставеност, се занимава со обичниот човек, оној заборавен од системот, кој се снаоѓа како што знае и умее, се бори со болниот здравствен систем, економската беда и притоа мора да се справи и со луксузот на личната трагедија и емотивен живот.
Избегнувајќи ги замките да навлезе во патетика, а сепак да предизвика силна емоција, Ставревски допира многу социјални теми. Разбирливо, се сопнува неколкупати, но тоа може да се отпише и на дебитанскиот чекор, сепак чесната намера во сите филмски елементи ова го прават речиси незабележливо. Функционално сценарио, добра акатерска игра, проверени музички ефекти.
Во пакет со ова, непогрешлива сценографија и костимографија, а за искусниот директор на фотографија Дејан Димески, и овој пат камерата очигледно била вистинско задоволство.
Духовитоста, поточно црниот хумор, конечно во македонски филм не прозвучи глупаво во духот на „Хихириху“, туку точно како што е неговата намена, полесно да се проголта горчливата чинија на реалноста. И кога навистина тоа сè изгледа толку едноставно, ненаметливо влегува во свеста на гледачот, јасно е дека не било лесно да се сработи.
Минатата недела ја освои наградата на публиката на филмскиот фестивал во Солун. Работен е во копродукција со грчкиот филмски центар, а Ставревски не пропушти да каже дека наградата од Солун и соработката со Грција е само уште една потврда во прилог на тоа што секаде се препознава уметничкиот код и дека политиката со тоа нема никаква врска.
Благој Веселинов во улогата на Веле и Анастас Тановски – Саздо, Диме Илиев, Јордан Симонов, Александар Микиќ и преостанатиот дел од актерската екипа – внимателно избран кастинг и уште повнимателно одиграни улоги.
Рецептот за овој филм е можеби како оној на волшебниот колач со марихуана што во филмот лекува од рак, не е за секого, но помага.
„Исцелител“ предизвикува плацебо-ефект, тој нè потсетува колку е едноставно да се верува и да се направи добар филм исто толку колку што е едноставно да се биде среќен.
Ана Василевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.