Daily news
Како „џихад дрогата“ Каптагон, којашто ја користат борците на ИД, стигна во Тетово
Дрогата Каптагон, којашто се нарекува и „џихад дрога“ била пронајдена во лабораторијата за синтетичка дрога во Тетово. Полицијата заплени 300 килограми од оваа опасна дрога, чии производители постојано го менуваат составот. Дрогата е слична, но многу посилна од екстазни, односно МДМА, а најмногу ја користеа борците на Исламска држава, поради тоа и се нарекува „џихад дрога“.
Каптагон се произведува во Источна Европа, главно во Чешка и Бугарија, а ова е прв пат да се појави така големо производство на Балканот. Како што објави американската ДЕА, агенцијата за сузбивање на дроги, завршувањето на војната во Сирија ќе го врати производството на оваа дрога на истокот од Европа.
Како што пишува српската Б92, лабораторијата во Тетово ја водел Милан Зарубица, кој е нарекуван балканскиот крал на синтетичката дрога. Тој повеќе од 20 години се занимавал со производство на илегални дроги чија основа супстанца е МДМА. Неговата лабораторија прво се наоѓала во близина на Белград, а потоа производството го проширил и во Македонија.
Прв пат е уапсен во 2003 година и тогаш неговата лабораторија беше прогласена за најголема во Европа за производство на синтетички дроги. Српската полиција го открила во соработка со ДЕА. Зарубица по професија е лекар, а во текот на деведесетите се занимавал и со фармацевсткиот бизнис, пишува Блиц.
Тој во бизнисот со лекови влегол во 1996 година по смртта на неговиот брат Горан, кој што бил сопственик на фирмата Ленал НБЦ. По сугестија на неговата мајка тој го презел бизнисот на неговиот брат и брзо се развил. Во моментот на неговото апсење тој се водел како сопственик или ко-сопственик на уште пет фирми за производство или увоз на лекови и фармацевтска опрема.
Додека бил во затвор, Зарубица продолжил со неговиот бизнис. По добиените информации дека и од затвор продолжил со бизнисот, управата на затворот му дала повластен статус и слободни викенди, а на еден од нив бил фатен во производство на дрога. Тогаш Зарубица произведувал синтетичка дрога главно за австралискиот пазар.
Каптагон не е нова дрога, туку тоа е синтетичка дрога базирана на амфетамин, а спаѓа во групата психостимулатори на нервниот систем. Создадена е во почетокот на 60-тите години од минатиот век за лечење на АДХД. Денес се поврзува со тероризам, а медиумите пренесуваат дека е пронајдена кај лидерите на терористичките напади во Париз и Тунис.
Според српскиот експерт Славица Вучиниќ, Каптагон се нарекува и дрога за супер војници, бидејќи се смета дека ја засилува борбеноста, храброста, ја подобрува будноста, го намалува апетитот и уморот, а со акутно предозирање со мали или средни дози доаѓа до екстрема агитираност, агресивност и суицидално однесување, грчеви на мускулите, забрзан срцев ритам и висок притисок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.