Daily news
Кекеновски до новите антигруевисти со мали ножиња: Извинете се и вратете ги не алал заработените пари на граѓаните
Ф. Петровски, А. Милошоски, И. Димовски, Т. Вељановски и останати до вчера заљубеници во Груевски и груевизмот кои преку ноќ станаа антигруевисти со мали ножиња во рацете (како што би рекол нивниот довчерашен идол и лидер). Ех мои дечки и некогаш, надежни патриоти, сега избањати ,,мачиња”!“ вака им се обрати професорот Јове Кекеновски на високите членови на партијата кои беа против ваквиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, одржан вчера во Валандово.
„Додека јас 4-5 години говорев и пишував за автократизам, за немање демократски капацитет и демократски вредности во партијата, Вие на два дена пред нелегалниот Конгрес полугласно се осмеливте да го кажете истото. Аферим, ашколсун…. Подобро некогаш отколку никогаш. Додека јас го напаѓав, поточно,, разголував” Груевски, сите Вие очи ќе ми извадевте дури и предавник ме нарекувавте. Од устите пена ви излегуваше за да го одбраните неодбранливото, и уште повеќе и подлабоко да му се потпикнете под кожата (а некои и подлабоко во дебелото црево)
Додека јас зборував и пишував за криминал и сторени зла, Вие браневте, негиравте и поддржувавте нечесни дејанија. Дел од Вас станавте соучесници, а дел и директни реализатори на криминалот и сторените зла. Додека јас велев дека слепец ги води слепците, Вие зборувавте не му верувајте на Кекеновски, лаже и измислува зошто не го избравме на Конвенцијата за кандидат претседател.
Додека јас и соистомислениците формиравме здруженија на граѓани за демократизација на партијата, Вие ме етикетиравте за фракционер, нестатурано ме исклучивте и се радувавте на моето исклучување. Демек сте се оттарасиле од мене. Непослушникот. Ви сметаше ФРОДЕМ како демократско здружение на граѓани, а дел од Вас учествуваа во формирање и поддржување на парамилитатни здруженија за Ваш и спас на Вашиот лидер. За да набрзо искрените патриоти ги фрлите на буништетото и се откажете од нив, исто онака како што сега се откажаа од Вас.
Додека сите слушнавме и видовме како сте владееле, Вие по умот на Груевски за да му удоволите велевте и како папагали повторувавте: сечени, лепени, креирани и монтирани. Не се срамевте од јавноста, затоа што знаевте дека и Вие односно Вашиот глас е снимен таму некаде со неговиот, во некоја монструозна местенка или криминален случај. Додека јас говорев за клиентелизам и сервилност, и за Вас како амали на туѓиот срам, Вие гревчиња молчевте и служевте, зошто постојано по разни основи Ви се полнеа џебовите и си ги реализиравте сите замислени интереси. Прекрасно ви одеше сé.
Додека јас ја кажував вистината и се борев за правда, дел од Вас учествуваше во мое сатанизирање и обиди за казнување. Не можевте по мене, па удривте по моето семејство (сопругата, децата и роднините). Се обидувавте на секој начин да ми се осветите. Дел ви успеа, дел не. Ова досега никогаш и никаде не го кажав. Трпев зошто знаев дека вистината и правдата ќе излезе на површина, кога, тогаш.
И на Конгресот во Куманово имавте само еден кандидат, ама тогаш мед и млеко ви течеше од устата. Да можевте и со двете нозе, тогаш, ќе гласавте за омилениот ви лидер!. Ама тогаш добар ви беше есапот, оној личниот. Сега ви се пореметија сметките.
Затоа дечки, дај не се брукајте и понатаму. Извинете им се јавно на сите граѓани на Република Македонија и направете покајание. Дајте чесен ,,пинерски” збор дека повеќе нема така да се однесувате. Испразнете ги џебовите, вратете ги не алал заработените пари на граѓаните, дури потоа слободно дојдете сите заедно да го срушиме ова дупло и невидено зло. Се друго ви е џабе. Многу сте грешни, за да сега се исперете преку килави јавни обраќања, преку некои (повторно) задкулисни игри и пазарења или на било каков друг начин. А и ножињата ви се мали и тапи. Ова што Ви го нудам е единствениот пат доколку за последен пат (иако дел од Вас и за прв пат) и мислите добро на државата и партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.