Daily news
Колариќ: Шилегов ќе вработува 1.000 луѓе за плата од 4.000 денари
На дневен ред на денешната седница на Советот на Град Скопје е ангажирање 1.000 работници за плата од 6.139 денари, од кои 2.000 денари ќе треба да се потрошат за автобуски билет и за јадење. Нејасно е дали станува збор за фиктивни вработувања или за злоупотреба и ветени партиски вработувања, изјави Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
„Спротивно на Деловникот се става точка на дневен ред, без никакво соодветно образложение за привремено месечно ангажирање 1.000 работници во јавните комунални претпријатија, претпоставуваме дека се мисли на ЈП ‘Комунална хигиена’. Притоа 8 милиони денари се префрлаат од ставката за градска администрација – други оперативни расходи, на буџетот на јавни комунални претпријатија, притоа ставката од која се земаат парите и ставката на која се префрлаат не постојат во буџетот на Град Скопје за 2017 година. Тоа укажува дека се ангажираат работници за кои нема доволно средства и притоа одлуката е набрзина составена со суштински пропусти, а тоа значи дека правно е неиздржана“, вели Колариќ.
Она што е поважно, додаде таа, самото ангажирање нови 1.000 времени работници отвора дилема дали тоа претставува начин за задоволување на партиските апетити со цел партиски да се ангажираат луѓе на кои СДС по изборите им се оддолжува.
„Висината на предвидениот хонорар ќе изнесува 6.139 денари, од овие пари 2.000 денари ќе треба да потрошат за автобуски билет и за јадење, тоа значи дека ќе добијат по 4.000 денари месечно, што секако е далеку од минимумот на 200 евра минимална плата, односно 500 евра просечна плата, за што СДС толку многу се залагаше и го ветуваше пред изборите. Кусо кажано, лажеа дека ќе има 500 евра просечна плата, а сега ангажираат 1.000 работници за реални и ниски четири илјади денари, што значи дека се работи или за фиктивни вработувања или за класична злоупотреба на работничкиот труд“, рече Колариќ.
Според неа, и предвидениот рок на привремено ангажирање на овие луѓе е многу кус, само еден месец.
„Дали целта е да се купи мир за кус период преку ваквите вработувања на партиска основа и со оглед на тоа дека се работи за зимски период имаме отворен сомнеж дека јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’ нема доволно опрема вклучувајќи топла облека за луѓето и ресурси за дневна работа“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.