Daily news
Кривична пријава за поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид
Министерството за култура на Република Македонија ја извести јавноста дека Заводот и Музеј Охрид поднесе кривична пријава против поранешната директорка на оваа установа, поради големата финансиска штета врз Буџетот на РМ, настаната од непостапување по судска одлука од страна на поранешната раководителка на Музејот во случајот со судскиот спор за потпорните ѕидови до музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“ меѓу установата и еден од соседите.
„Станува збор за обемен предмет, судска постапка која се водела пред Основниот суд – Охрид уште од 2008 година, во време кога директорка на Завод и Музеј – Охрид била Тања Паскали Бунташеска. Оваа постапка завршила со правосилна пресуда за вознемирување на правото на сопственост на тужителот од страна на тужениот Завод и Музеј – Охрид во декември 2009 година. Со пресудата, Завод и Музеј – Охрид бил задолжен да отстрани делови од градби – ѕидови од парцелата на тужителот“, изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски на прес-конференција од Охрид.
Додаде дека сепак, поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид не го сторила тоа, а тужителот повел постапка за изрекување на судски пенали заради неизвршување на пресудата од декември 2009 година. Алѓозовски образложи дека постапката завршила со пресуда на Апелациониот суд – Битола, со која биле изречени судски пенали во висина од 3.000 денари дневно.
„И покрај ваквото задолжение со дневни судски пенали, поранешната директорка и одговорно лице на Завод и Музеј – Охрид не пристапила кон рушење на ѕидовите по судската пресуда, со што би се избегнало плаќањето на дневните пенали. Како последица од ова непостапување, се насобрале судски пенали во износ од 2.322.290 денари, што е повеќе од 700 денови доцнење со извршувањето на пресудата. Оваа сума, која им е исплатена на тужителите, е директна штета на установата и на буџетот на РМ. За жал, овде не се запрело. Поранешната директорка на Завод и Музеј – Охрид продолжила со неизвршување на судската пресуда. Неизвршувањето траело уште неколку години и сето ова се криело како од министерството, така и од сегашната в.д директорка при примопредавањето на должноста, на 24 јули оваа година. Тужителите на 24.10.2017 година, повторно на истиот начин, прекуизвршител, по истата пресуда од 2009 година, за дневни пенали ја блокираа сметката на Завод и Музеј – Охрид“, рече Алаѓозовски.
Потенцираше дека овој пат, сумата на налогот за извршување е во износ од 5.239.217 денари, што претставува повеќе од 1.700 денови или повеќе од 4 години неизвршување на пресудата.
„Обврската за рушење на ѕидовите по судската пресуда е конечно исполнета од новото раководство, и тоа за само неколку часа и за трошоци од само 500 евра. До овој момент, штетата која е предизвикана од неодговорното однесување, односно неизвршувањето на службената должност на поранешната директорка изнесува вкупно 7. 561.507 денари, или околу 123.000 евра. Затоа, за овој случај Заводот и Музеј – Охрид поднесе соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид за негово понатамошно постапување“, образложи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.