Daily news
Лимфниот систем ја крие тајната за добро здравје
Лимфоцитите, односно белите крвни зрнца се составени токму од лимфа, како што кажува и нивното име, а тие се познати како заштитници на телото од болести и инфекции.Па, која е улогата на лимфниот систем?
Лимфниот систем претставува „одвод“ на телото. Телото пумпа 90% од крвта и ја враќа во срцето, а останатите 10% кои заостануваат се состојат од лимфа, преку која се движат и пренесуваат сите вируси, бактерии, отрови, клетки на рак и хемикалии.
Доколку лимфата не се движи соодветно, во телото се развиваат разни болести. Имено, лимфниот систем е изложен на илјадници токсини секој ден, вклучувајќи го чадот од цигарите, загадениот воздух, состојките на лекарствата кои ги внесуваме, адитивите во храната, хемикалиите и пестицидите.
Следните симптоми алармираат за бавен лимфен систем:
- oтечени или подуени прсти
- болки во телото и вкочанетост
- чувство на истоштеност
- запек
- бледило на нозете
- отечени гради или болки во секој циклус
- сува и надразнета кожа
- зашеметеност
- ладни раце/слаба циркулација
- целулит
Доколку се пронајдовте во некои од нив, во продолжение ви претставуваме неколку ефикасни совети кои ги промовира Ајурведата, за тоа како да го „разработите“ лимфниот систем и да го одржувате здрав, со цел истиот да го штити нашиот организам од појава на разновидни болести.
Вежбајте!
На тој начин се поттикнува пумпањето на лимфата во организмот. Запомнете, лимфниот систем нема срце, како што има крвниот. Движењата на мускулите ги стимулираат валвулите во вените, што помага за потиснување на лимфата кон срцето. Исто така, отскокот, кој создава нула гравитација, помага лимфата да се движи кон срцето и помошните лимфни канали. За ова обично е потребно мускулен напор кој притиска наспроти гравитацијата. Со само неколку секунди без гравитација , за лимфата се прави полесен пат за нејзино враќање.
Практикувајте обратни позиции на телото
Обратните телесни позиции, исто така, придонесуваат за поттикнување на движењето на лимфата од долните екстремитети кон срцето .
Што се добива кога ќе се употребат обратните телесни позиции во вежбањето? – Јога. Taa е позната по нејзиното детоксикациско и подмладувачко дејство на многу лимфни системи. „Жешката јога“, која се изведува при високи температури, исто така помага за забрзување на процесот преку потење. Потењето е силен детоксикат!
Дишете длабоко и правилно
Дишење од дијафрагмата е одличен начин за движење на лимфата кон лимфните канали.
Нашите тела имаат многу повеќе лимфа од крв, така што вежбите за дишење кое се практикува во јогата, како и бавното и длабоко дишење преку денот помагаат за филтрирање на лимфата и нејзино правилно движење.
Исхраната е императив
Задолжително елиминирајте ја пакуваната и обработената храна. Строго избегнувајте генетски модифицирани намирници и пестициди. Јадете интегрална храна и главно внесувајте зеленчук.
Масирајте се наутро сами
Правете движења на рацете и нозете од долу нагоре во круг и целете кон срцето, каде е лоциран лимфниот канал. Лимфата се исцедува токму во тој правец.
Пијте млака вода
Откажете ги слатките пијалаци! Водата врши подмачкување на лимфата и овозможува истата полесно да протекува. Но, водата треба да биде млака бидејќи ладната ја загрозува апсорпцијата.
Редовно одете на масажа на целото тело
Масажите, препорачливо понежните, ја стимулираат бавната лимфа да се движи нагоре кон срцето. Исто така, и стресот може да игра голема улога во слабиот проток на лимфата, па и во тој случај масажата може да помогне. Постојат дури и посебни масажи кои се корисни во отстранувањето на инфекциите со помош на манипулација на лимфата. Запомнете дека лимфниот систем има најимуни клетки!
Консумирајте црвени плодови
Црвените плодови, како калинките, црешите, цвеклото и брусницата, го стимулираат квалитетот на лимфата и се користат во Ајурведа за прочистување на организмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.