Daily news
(ВИДЕО) Мигрантите ќе им ги земат становите на нашите деца, „Будење“ собира потписи во Ѓорче Петров
Граѓанската иницијатива „Будење“ од утрово собира потписи против изградба на кампови за бегалци во Ѓорче Петров. Граѓаните во редица, на пеколно сонце, трпеливо чекаа да стигнат на ред за потпис на пунктот пред супермаркетот КАМ во Ѓорче. До пладне, за нешто помалку од два часа, собрани беа околу 200 потписи. Организаторите на акцијата велат дека и покрај тоа што нема најава за изградба на каков било камп на територијата на Ѓорче, тие сакаат да го искажат својот став врз основа на кој очекуваат градоначалникот и Советот на Ѓорче Петров да го планираат развојот на општината.
„Слушајќи го гласот на народот, се одлучивме за оваа иницијатива од повеќе причини. Сметаме дека Македонија не е ниту спремна ниту има волја меѓу народот за да удомуваме мигранти. Земјата е во големи трошоци, загуби, како што кажува самата Влада, и сега повлекуваме чекор со кој треба тие мигранти да се удомат да им се обезбедат услови за интегрирање во нашето општество, а сите знаеме дека во Македонија во моментот има и неитегриран домашен народ и има народ што воопшто не е згрижен уште. Има народ кој е без домови, има млади брачни парови кои немаат стан и сега ние со тоа што би дозволиле да дојдат тие мигранти, да ги удомиме во ова општество, пред сè, го газиме својот народ“, вели Кристијан Јандриоски од „Будење“.
Според него, собирањето потписи во услови кога нема најава за изградба на какви било објекти не е избрано, туку се случува токму навреме.
„Одлуката е тамам навреме затоа што е подобро да се спречи отколку да се лечи. Многупати, посебно ние овде во Ѓорче Петров, сме осетиле дека во минатото, 1993/1994 година, беше иста ситуација, се кажуваше дека нема мигранти, нема кампови, но одеднаш едно утро се разбудивме и видовме влечење градежен материјал на плацовите, багерите беа влезени внатре и се подготвуваше да се гради таков камп. Државата треба да се загрижи за овие луѓе овде што плаќаат даноци за да живеат во оваа држава, ним да им помогне, да ги интегрираме, да ги ситуираме младите. Пред сè е македонскиот народ што живее тука, потоа да им помогнеме на другите“, вели Јандриоски.
Некои од граѓаните, кога се потпишаа, рекоа дека Македонија треба да остане на Македонците, да се обезбедат вработувања, станови и градинки и училишта за нашите деца, а не да се дозволи мигрантите да им ги земат нивните станови.
„Тука имаме едно средно училиште кое е стопирано поради недостиг на средства и претпоставувам дека тие средства ќе се упатат за станови за мигрантите. Треба да се работи на Ѓорче Петров и на ова население тука да му се овозможи живот“, порача жителка на Ѓорче.
Потписи против удомување бегалци изминативе денови граѓанската иницијатива „Будење“ собираше и во Гевгелија, Прилеп, Неготино, Битола, Штип, Куманово, Гази Баба и во Аеродром.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во неколку наврати последниве две недели објасни дека нема да се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа. Таа истакна дека опозицијата се обидела да шири страв по однос на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година, која е продолжение на стратегијата 2009-2015 година, со истиот наслов, што ја донела ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.