Daily news
Митевска: Најавувањето за покачување на акцизата веќе почна да влијае кај меѓуградските автобуски превозници
Покачувањето на акцизата што ја воведува СДС веќе почна со домино-ефектот на покачување на цените за што ние предупредувавме, порача Слаѓана Митевска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Па, така, на пример, цената на повратниот билет Скопје – Берово – Скопје или обратно претходно чинеше 520 денари. Новата цена на билетот е 620 денари. Доколку еден студент од Берово, кој студира во Скопје, секој викенд се враќа дома како и досега, за период од еден месец, односно 4 викенди, ако досега плаќал 2.080 денари за 4 повратни билети, сега ќе плаќа 2.480 денари или за 400 денари повеќе од претходно. Па, така, ако истото семејство има две деца што студираат во Скопје, на родителите трошоците месечно им се зголемуваат 800 денари со покачувањето на акцизата или за цела година 9.600 денари“, рече Митевска.
Овие непредвидени дополнителни трошоци, како што вели Митевска, кои се резултат на домино-ефектот од покачувањето на акцизата за нафтата, што ги воведува СДС, едно просечно семејство од Берово ќе го чинат 9.600 денари повеќе годишно. Сума што му значи на секое семејство што ги праќа своите деца на студии во Скопје.
Таа додава дека имало и уште еден пример со покачувањето на цената на месечниот билет Скопје – Куманово. Досега тој чинел 2.500 денари, а отсега натаму ќе чини 2.700 денари.
„Па, така, ако земеме пример дека во едно просечно семејство од Куманово има двајца студенти во Скопје кои патуваат секој ден и еден родител што работи во Скопје, неопходно им е да извадат месечен билет, нивните трошоци месечно се зголемуваат 600 денари или на годишно ниво 7.200 денари. Ова е резултатот што сите го гледаат од покачувањето на акцизата за нафтени деривати“, вели Митевска.
Ова е логиката што треба добро да ја проучи големиот советник на Тевдовски, Бранимир Јовановиќ, кој вели дека сиромашните не возат автомобили и ги потценува граѓаните и нивната интелигенција. За жал, покачувањето на акцизата најпрвин удри по џебот на просечните граѓани.
Дополнително, според планирањето на СДС да го зголемат и персоналниот данок, најоштетени ќе бидат обичните граѓани. Ова е економската политика што ја спроведува СДС. Нудеше живот, донесе сиромаштија за граѓаните, нагласи Митевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.