Daily news
На Македонија и е неопходно членство во силни меѓународни сојузи – ЕУ и НАТО немаат алтернатива
На Македонија и е неопходно да стане членка на силни меѓународни сојузи како ЕУ и НАТО бидејќи за малите земји тоа е практично единствениот начин да ги осигураат сопствениот опстанок и развој. Ова е заедничкиот заклучок на учесниците на дебатата со работен наслов: „Креирање и (или) реконцептуализација на надворешна-политичка стратегија на мали и средни држави“ организирана од Дипломатскиот клуб во Скопје. Во дадениот историски момент кога се рекомпонираат односите меѓу големите сили, во услови на криза во ЕУ, повторна појава на популистички и националистички идеологии, војните на Блискиот исток и мигрантската криза, за малите држави е најважно да го пронајдат своето место во геополитичкиот простор од каде ќе можат да ги остваруваат политичките и економски стремежи без притоа да настрадаат.
Префосорот на Правниот факултет во Скопје и поранешен шеф на дипломатијата Љубомир Фрчкоски смета дека во овие околности македонската дипломатија и Министерството за надворешни работи воопшто не ја оставруваат својата задача бидејќи, како што рече, само се обидуваат да го одбранат неодбранливото, односно со пропаганда сакаат да ја поправат паднатата демократија во земјава. Професорот смета дека за разлика од 2005 година кога беше прва во регионот, Македонија сега е на исто ниво со Косово и тој факт не може да се брани иако пропагандата со сите сили е впрегната во тој обид. Според него, во надворешната политика постои извесно двојство, од една страна номинално се поддржува членството во ЕУ и во НАТО а од друга буквално се што се работи е против номиналните заложби. Негов предлог за идната влада е веднаш да го намали бројот на вработени во МНР бидејќи таму “во моментов има 600 луѓе кои не работат ништо и се дипломатски аматери“. Потребно е намалување на амбасадите и конзуларните претставнишва, кои главно се полупразни а служат само за вработување на партиски членови. Фрчкоски предлага заеднички конзулати со соседните земји и целосно укинување на економските промотори, бидејќи тие, по негово уверување, чинат многу а од нив нема апсолутна никава корист. Професорто бара супстанцијална реформа на македонската дипломатија и реструкција на односите прво со западните партнери, а потоа и со соседите, при што особено е важно суштинско обновување на односите со Бугарија и Албанија и поврзување по Коридорот осум.
Словенечкиот амбасадор во Република Македонија Милан Јазбец истакна дека во меѓународните односи малите држави имаат предност со тоа што можат да бидат флкесибилни но затоа се лесно ранливи па затоа безбедноста и развојот мора да им бидат на прво место. Зборувајќи за искуствата на неговата земја амбасадорот рече дека не смее да има никакви дилеми околи интеграцијата во ЕУ и НАТО при што реформите кои треба да се спроведат „не треба да бидат цел сама за себе туку од нив треба да произлезе квалитет“ односно треба да придонесат за посттигнување на реален стандард на една држава.
– Нам ни требаа 10 години за да влеземе во ЕУ и НАТО. Процесот е многу тежок и бара многу напор, но е неопходен. Членството во ЕУ е единствен одговор и за него нема алтренатива“ рече словенечкиот амбасадот Милан Јазбец.
Неговиот холандски колега Ваутер Пломп во своето излагање рече дека Холандија долгата дипломатска традиција ја заснова на концептот: Мир, профит и принципи. Истакна дека ЕУ е од есенцијална важност за заеднички пазар и заеднички принципи, околу што во неговата земја има апсолутен консензус. Пломп е на мислење дека актуелната криза во ЕУ повеќе е прашање на скептицизам кон Брисел отколку кон унијата како таква. Убеден е дека Западниот Балкан полека се враќа во топ агендата на европските лидери при што извесно влијание има мигрантската криза, како и обидите на Русија да го наметне своето влијание во регионот но пред се во прашање е „чувството во Брисел дека останала незавршена работа на Балканот“. Како доказ дека вратата останува отворена тој го потенцираше примерот на Црна Гора која доби покана за членство во НАТО и наголемо ги води преговорите за прием во ЕУ.
Шведскиот амбасадор Матс Стафансон зборуваше за неутралната позиција која неговата земја ја негува со децении и векови нанзад, што е одрден начин за остварување на интересите на малите и средните земји, но сепак потенцираше дека Шведска со одлуката конечно да влезе во ЕУ пред дваесетина години направила одличен избор а и со НАТО има најдобар можен однос, кој некогаш би можел да премине во формално членство во оваа воена алијанса. Инсистираше дека за разлика од други земји каде европскептицизмот е во пораст, во Шведска напротив се посилно е уверувањето дека ЕУ е неопходна ако Европа сака мир и напредок.
На дебатата зборуваше и македонскиот амбасадор Данчо Марковски кој исто како и професорот Фрчкоски се задржа на актуелните случувња во македонската дипломатија. Рече дека деценија нанаад се случуваат ретроградни процеси кои се условени од надворешни фактотри, во прв ред од неконзистентноста на политиката на ЕУ кон Скопје и од грчките барања поврзани со нашето уставно име, како и од внатрешни фактори меѓу кои најштетни се партизацијата на институциите и на дипломатијата и ставањето на партиските над државните интереси. Поради тоа, предупреди амбасадот Марковски, Македонија се соочува со изолација и на некој начин станува „заробена држава“.
Драган Милосављевиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.