Daily news
Низа глобални мировни маршови за подигнување на свеста кај младите
Преку низа мировни активности минатиот месец, младите во 85 градови ширум светот ја одбележаа мировната кампања организирана од страна на јужнокорејската невладина организација „Небесна култура, светски мир“ (HWPL), со цел подогнување на свеста за градењето одржлив светски мир.
Годишните настани на јужнокорејската организација се организираат уште од 2013 година на секој 25 мај, датум кога се одбележува Декларацијата за светски мир, документ креиран од страна на правните експерти на оваа организација, а кој има за цел да ги зголеми напорите во градењето мировна култура и зголемување на улогите на меѓународното право и медиумите во мировната сфера.
Дел од мировните маршови годинава се одржаа во Тајланд, Кина, Јужна Африка, Јужен Судан, Германија, додека главниот настан беше одржан во Јужна Кореја.
„Духот на мирот кој беше доловен од страна на HWPL е навистина мотивирачки за многумина кои посакуваат мир. Овој вид настани можат да бидат уште поголеми доколку сите соработуваме заедно“, изјави Емеритус Јонгут Вачарадул, основач на светското будистички братство, осврнувајќи се на мировниот марш во Тајланд.
„Денес настанот се организира ширум светот, со една заедничка цел – мирот. Мирот, развојот и образованието се главните проекти во светот и значајно е тоа што сите ние можеме да бидеме дел од овој проект“, изјави Лиу Ли, директор на едно кинеско основно училиште и еден од организаторите на настанот што се одржа во Ксиан, Кина.
Антони Мозес од Кејп Таун, пак, вели дека мировните маршови ја потенцираат „различноста и начинот на кој луѓето можат да комуницираат преку мирот како заедничка цел“.
Една од земјите кои последниве години е најмногу погодена од страна на воените конфликти, односно граѓанската војна која ги однесе животите на 300 илјади лица и создаде речиси три милиони бегалци е Јужен Судан, каде исто така се одржа мировен марш.
„Прифаќањето на мирот е наша должност. Се надеваме дека лидерите ќе го слушнат плачот на луѓето кои посакуваат мир. Сè додека ја имаме моќта да го направиме тоа, мора да продолжиме да ги охрабруваме и поддржуваме мировните активности“, изјави проект-координаторот на националната иницијатива за развој во Јужен Судан, Мако Јухнис Кунг.
Во Европа најголемиот настан беше одржан во Франкфурт, при што директорот на организацијата „Германско општество за мир“, Гернот Ленерт, порача дека мировните напори на јужнокорејската невладина организација се јасни и недвосмислени.
Низ повеќе градови во Јужна Кореја, пак, настанот беше одбележан со мировни маршови, а во својот поздравен говор на претседателот на јужнокорејската организација, Ман Хи Ли, го потенцираше значењето од „ставањето крај на војните и воспоставувањето на светскиот мир како наследство за идните генерации“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.