Daily news
Нови рокови и начин на пријавување приходи од кирија, капитална добивка, приходи од странство
Граѓаните што остваруваат приходи од други физички лица во земјата, како и граѓаните резиденти што остваруваат приходи од странство, имаат обврска да поднесат електронска пресметка за приход и данок (е-ППД), и тоа за:
1) Приходи од имот и имотни права (издавање имот на друго физичко лице) – до 10 во месецот кој следува по месецот во кој е склучен договорот или по месецот на издавање.
Во случај на склучен договор за цела година се поднесува електронска пресметка (е-ППД) за цела година, односно за времетрањето на закупот. На пример, кога граѓанин издава стан на друго физичко лице за 2018 година, се поднесува една пресметка е-ППД за периодот од 1.1.2018 до 31.12.2018 година.
Доколку времетраењето на закупот е пократко од 31 ден во еден месец, односно се издава преку веб-страници booking, airbnb и сл., се поднесува по една електронска пресметка (е-ППД) за секој поединечен остварен приход. На пример, кога граѓанин во текот на еден месец издава стан по неколку дена на повеќе закупци, се поднесуваат пресметки е-ППД за секој остварен приход, односно за секој закупец за соодветниот период на престој во станот.
За повеќе информации во врска со пријавувањето и плаќањето персонален данок за приходи од имот и имотни права преземете ја брошурата „Оданочување на приходи од имот и имотни права (закупнина)“ (види http://www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/69)
2) Капитални добивки од продажба на хартии од вредност, недвижен имот и учество во капиталот – до 10 во месецот кој следува по месецот во кој е извршена продажбата или во кој е заверен договорот за купопродажба. На пример, до 10.2.2018 година имате обврска да поднесете електронска пресметка (е-ППД) за продажба извршена во јануари 2018 година.
3) Приходи од странство – до 10 во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
На пример, до 10.2.2018 година имате обврска да поднесете електронска пресметка (е-ППД) за остварените приходи од странство во текот на јануари 2018 година.
4) Лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет и за кои даночниот обврзник сам го утврдува и уплатува данокот – до 10 во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
На пример, до 10.2.2018 година имате обврска да поднесете електронска пресметка (е-ППД) за остварените лични примања во текот на јануари 2018 година.
5) Други приходи (приходи остварени со е-трговија преку специјализирани интернет-страници, приходи од интернет маркетинг-услуги, приходи остварени со продажба на корисен цврст отпад, исплатите на име специјализации, постдипломски студии и др.) – до 10 во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
6) Приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажните места на зелените пазари – до 10 во месецот за приходите остварени во претходниот месец.
Повеќе информации ТУКА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.