Daily news
(Обновено) Вучиќ: Живаљевиќ влезе во Собранието со дозвола на власта
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во долгото интервју за РТС посветено на Македонија тврдеше дека нашата влада ќе го поддржи членството на Косово во УНЕСКО и дека очигледно не ја кажувала вистината пред три месеци.
Вучиќ на РТС изјави дека ќе разговара за ова со македонскиот премиер Зоран Заев, дека поради оваа причина односите меѓу двете земји нема да бидат извонредни и на највисок степен, но дека ќе бидат пристојни.
„Како знаев дека ќе го сменат мислењето за УНЕСКО? Дачиќ им рече, точно им рече и затоа пак ќе кажам дека тие знаат што сè знаеме ние”, додаде српскиот претседател. Според него, она што се случува во врска со односот на Македонија со Србија е обид да се создаде „поголема политичка приказна” и во неа да се вовлече Србија, што тој, истакна, нема да дозволи.
Вучиќ првпат објасни детали поврзани со присуството на членот на БИА, Горан Живаљевиќ, во Собранието во нередите по изборите. Според Вучиќ, Живаљевиќ не отишол на своја рака и без знаење на македонските власти:
„Живаљевиќ ги прашал највисоките претставници на извршните власти во Македонија дали да биде таму, а тие се согласиле со тоа и биле претходно запознати со неговото присуство. Потоа тоа беше искористено за кампања против Србија. Потоа следеле хајки и приказни, во кои има влијание од големи сили, дека тој е одговорен за овие настани заедно со Русите.
Најлесно беше такво нешто да ѝ се префрли на Србија поради тоа што таа нема никакви територијални претензии кон Македонија, ниту има проблеми со неа”, истакна Вучиќ.
Српскиот претседател вели дека подоцна, на Брдо кај Крањ, бил замолен Живаљевиќ да биде повлечен од Македонија што, како што вели, го сториле, но потоа околу овој потег на Белград почнале да се појавуваат сомнежи дека Србија е виновна штом го повлекла. „Притисокот врз Србија по неговото повлекување се зголеми“, објасни Вучиќ забележувајќи потоа дека српската контраразузнавачка служба, сепак, е силна.
„Тие добро знаат што сè знаеме“, ја прокоментирал Вучиќ изјавата на шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, дека знае со кого се договорила македонската влада. „Така не се прави на пријатели“, заклучил претседателот, додавајќи дека иако сме го признале Косово и иако знае дека ќе гласаме за приемот на Косово во УНЕСКО, не ни посакуваат ништо лошо.
Тој истакнал дека ќе ја поддржи секоја тешка одлука на Владата на Србија ако смета дека е во право, споменувајќи го примерот со Франција.
„Ќе го вратиме персоналот и нема да бараме ништо од Македонија. Исто така беше со Франција, ако се сеќавате, ништо не се случи, ама барем си го зачувавме образот. Нема поблиски народи од нашите два, но мораме да си го сочуваме образот“, порача Вучиќ.
Според него, нема причина за голема загриженост поради кризата во односите меѓу Белград и Скопје и работите ќе се движат во подобар правец.
„Не сакаме судири ниту ќе ги има, но мора да го заштитиме образот на Србија“, заклучи Вучиќ порачувајќи им на граѓаните да бидат спокојни. Како што забележа, секогаш е подобро кога работите се отвораат бидејќи тогаш полесно се решаваат.
Инаку, српските медиуми денеска пишуваа дека српските дипломати биле незаконски следени од македонските разузнувачки служби без каква било причина, и над нив се применувале методи на застрашување. Други српски функционери, пак, порачуваа дека најмалку што очекуваат од македонската влада е да биде неутрална за Косово ако се гласа во УНЕСКО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.