Daily news
Објаснето значењето на пет најчести сонови
Дали некогаш сте сонувале дека сте паднале на испит? Ако сте сонувале, тоа не е исклучок. Според базата на податоци составена врз основа на анкети во кои луѓето одговарале на прашањето што најчесто сонуваат, 45 отсто анкетирани одговориле потврдно, при што ваквите сонови почесто ги мачат жените отколку мажите.
Др. Кели Булкали експерт за истражување на сонови и научник во Здружението на теолошките институти во Беркли во Калифорнија, ја направи оваа база на податоци, во која изнесува објаснување на пет најчести сонови.
Некој ве напаѓа или ве прогонува
И мажите и жените најчесто го сонуваат овој сон, кој може да има многу симболични значења. Напаѓачот може да означува потсвесен страв или желба, која го гуши свесното его, на некого или нешто во надворешниот свет што претставува опасност за лицето кое сонува, но исто така може да биде инстиктивна реакција вкоренета во далечното минато кога опстанокот на нашите предци зависел од способноста да реагираат во случај на напади од големи предатори.
Училиште, наставници, учење
Луѓето кои имаат некој вид на образование во подоцнежниот живот ги сонуваат овие сонови. Учесниците на анкетата кои изјавиле дека ги сонуваат, повеќето биле студенти така што училиштето била нивна актуелна грижа, посебно кај женскиот дел. Соновите за училиште не се само современ феномен, постојат докази дека и древните Кинези имале сонови и кошмари за испити за прием во јавна администрација од кои зависела нивната професионална судбина.
Сексуални искуства
Мажите многу почесто ги сонуваат овие сонови од жените. Тешко е да се процени дали е тоа нешто што е својствено во нивната природа, или е поттикнато од современата култура. Освен тоа: дали жените по природа поретко сонуваат вакви сонови, или културата ги обесхрабрува да ги сонуваат и зборуваат за нив?
Досегашните истражувања не успеале да одговорат на овие прашања. Фројд бил многу разочаран поради тоа. Ако нашите сонови навистина треба да ги прикријат и цензурираат нашите сексуални желби, тогаш овие сознанија покажуваат дека прилично се неуспешни во тоа. Посоодветно објаснување е ставот дека соновите за секс се израз на силен биолошки инстинкт за продолжување на видот и бара тој инстинкт да се задоволи во моралните рамки на општеството.
Паѓање
Соновите за паѓање се многу почести од соновите за летање. Повеќе сме склони да подлегнеме на силата на гравитацијата, отколку да се издигнеме над неа. Таквите сонови можат да се јават како последица на нагла промена во лачењето на невротрансмитерите во мозокот во текот на преминот од една во друга фаза на сонот. Дури и ако постои психолошка причина, соновите за паѓање можат да имаат низа симболични значења, во смисла на одразување на искуство на ненадејна промена, загуба или траума. Во екстремни случаи, таквите сонови можат да прераснат во призори на општа ентропијска катастрофа: светот се распаѓа во парчиња, сме доживеале апокалипса.
Упорно се обидувате да направите нешто
Нашиот мозок во соновите понекогаш е фатен во стапица на повторување кое делумно се случува во сонот, а делумно во нашите мисли, а обично се се врти околу некоја стресна состојба која навистина се случува во нашиот живпт. Таквата состојба може да предизвика чувство на фрустрации, немоќ и страв, со можна физиолошка компонента која опфаќа атонија (општа мускулна парализа) во РЕМ фазата на сонот.
Тоа е исто така одраз на длабоко вкоренет човечки страв, кој не води далеку во минатото, во митот за Сизиф, т.е. до стравот дека ќе останеме заробени во затворен круг на залудност и безнадежност.
Луѓето денес така се чувствуваат кога е во прашање нивната работа, образование и врската, а тие сонови изразуваат латентен егзистенцијален страв. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.