Daily news
Одложен стечајот за „Фени“, директорот побарал изземање на Основниот суд Велес
Прекината е стечајната постапка за кавадаречки „Фени“. Директорот на фабриката побарал изземање на Основниот суд Велес, па целата постапка за стечај е вратена на почеток.
„Постапката е прекината. Добивме барање од ‘Фени’ за изземање на Основниот суд Велес и делегирање друг суд. Постапката е прекината сè до изјаснување на Врховниот суд“, рече судијката Валентина Ѓорѓиевска.
Новиот директор на фабриката, Рајчо Кацаров, објасни дека побарал изземање на судот во Велес со објаснување дека бараат за стечајот да одлучува суд во Скопје оти банките кредитори на „Фени“ се од Скопје.
Тој не сакаше да зборува за долговите и лошата состојба во „Фени“ со објаснување дека е малку време на функцијата, па немал можност да ја утврди состојбата.
„Јас дојдов на 27 октомври, а барањето за стечај беше поднесено следниот ден, 28 октомври. Во меѓувреме стигнуваат нови долгови. Добивме фактура од Управата за јавни приходи од 5,5 милиони евра и секој ден се појавуваат нови проблеми“, рече директорот Кацаров.
Претседателот на Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството, Пецо Ристовски, вели дека одложувањето на стечајот е на штета на вработените.
„Не очекував ваква одлука. Ова само уште еден доказ дека ниту еден стечај во Македонија не може да се реши бргу. Со ова само се комплицира состојбата на вработените“, рече Ристовски и нагласи дека виновници за сегашната лоша состојба на комбинатот се УЈП и Финансиската полиција, кои не направиле навремена контрола на работењето во фабриката.
Денеска истече рокот што банките ѝ го дадоа на бугарската компанија „Енекод“ да достави нова издржана понуда за купување на „Фени“. Понуда не добиле.
Синдикалецот Ристовски откри дека заинтересирани за „Фени“ биле уште две компании, едната француска, која и претходно работела со фабриката, и уште една израелска фирма.
На 31 октомври годинава Основниот суд Велес поведе претходна постапка за „Фени индустри“. Судот именуваше привремен стечаен управник, одреди општа забрана за располагање со имотот на „Фени“, забрани одредување или спроведување присилно извршување или обезбедување против фабриката и забрани исплати од сметката.
Привремениот стечаен управник утврди дека фабриката е доведена до колапс поради лоши менаџерски одлуки.
За лошо менаџирање против генералниот извршен директор на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, и против раководството, кривична пријава поднесе малцинскиот сопственик БСГР, а Миракхмедов доби кривична пријава и од Финансиската полиција, која не ја исклучи можноста од поднесување уште кривични пријави за работењето во фабриката.
(М.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.