Daily news
Османи: Посетата на Бугарија е историска
Посетата на Бугарија е историска, а целта ни е да постигнеме напредок во процесот на евроатлантска интеграција, изјави вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи во интервју за бугарската новинска агенција БТА.
– Првата билатерална посета на делегација на новата македонска Влада е во Бугарија. Веќе имавме посета и на Брисел, но ова е првата билатерална и целта ни беше да ги затвориме отворените прашања со соседите и да побараме поддршка од Бугарија со оглед на нејзиното претстојно претседавање со ЕУ, за да го вклучи прашањето за членство на Македонија на дневниот ред на Унијата, вели Османи.
Според Османи, резултатите од посетата се одлични, а најважно е што делегациите на двете влади го договориле текстот на договорот за добрососедство. Остануваат само некои технички детали кои се надева дека ќе бидат усогласени до посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Скопје на 2 август.
– Нашата цел е да ги затвориме сите отворени прашања – прашањето за Рамковниот договор во Македонија, прашањето на договорот за добрососедство со Бугарија, за на крај да остане само прашањето за името со Грција. Тоа е тешко и емоционално прашање за чие решавање напори треба да вложат сите партии и страни, изјави Османи.
Посочува дека од договорот за добрососедство со Бугарија останале да се прецизираат некои прашања од заедничката историја. И двете влади, вели Османи, сметаат дека историјата на Балканот е испреплетена меѓу сите народи и оти таа не треба да разделува туку да зближува.
– Ние ја почитуваме заедничката историја, но сметаме дека треба да гледаме напред кон иднината и да се стремиме да напредуваме како европски држави, вели Османи.
Прашан за улогата на економијата и инфраструктурните проекти во односите меѓу двете земји, вицепремиерот Османи наведува дека економската соработка меѓу Македонија и Бугарија не е на потребно ниво и оти има многу можности за нејзино унапредување. Дел од причините за тоа, според него, се политички, но дел и поради тоа што недостигаат конкретни проекти за соработка. Посочува дека има одлична соработка во однос на проектите финансирани од ЕУ за прекугранична соработка и оти се реализирани повеќе од 100, значителен број се подготвени, а повеќе од 45 се во фаза на реализација.
– Секако дека можеме повеќе. Затоа прво треба да се уредат политичките односи за да може потоа компаниите и бизнисмените да ја развиваат соработката, а нашата посета на Софија дава таков стимул, додава Османи.
Тој ја нагласува и улогата на Берлинскиот процес за поврзувањето на земјите од регионот со транспортни коридори и енергетски системи што, како што вели, ќе го подготви подобро Западен Балкан за членство во ЕУ.
Осврнувајќи се на спорот со Грција за името, Османи истакнува дека тоа е емоционално прашање, а таму каде што има емоции нема рационалност.
– За жал, во изминатиот период наместо да се остават емоциите и да се гледа рационално, на прашањето се долеваше бензин. Затоа почна процес на создавање мерки за доверба меѓу двете страни. Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја посети Грција веднаш по формирањето на новата Влада за да испрати порака дека ние сме подготвени на компромис за спорот за името. Јас исто така како вицепремиер за евроинтеграции испратив порака до моите грчки партнери дека треба да почнеме комуникација со цел да ја зајакнеме довербата меѓу граѓаните имајќи го предвид заедничкиот интерес од соработката и перспективата на регионот, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.