Daily news
„Охрид СОС“ бара извештајот до УНЕСКО да биде ставен на јавен увид
Владата со ентузијастичка најава дека опасноста за Охридскиот Регион е отстранета и со задоцнување од 15 дена го поднесе Извештајот до УНЕСКО. Македонската јавност сè уште нема увид во овој јавен документ, а не беше навремено информирана ни за основањето на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Минатата седмица Владата објави дека „е отстранета опасноста Охридскиот Регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО“ што следеше по 54. седница од 13 февруари 2018 кога беше усвоен Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.
Овој извештај македонската влада имаше рок да го достави до 1 февруари 2018, а беше побаран уште на 40. сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Истанбул, Турција, во јули 2016 одина. Потребата од ваков извештај се должеше на сè поголемата опасност предложените урбанистички проекти да придонесат за неповратно уништување на извонредните универзални вредности на регионот – Охрид и Охридското Езеро за првпат се соочија со можноста да бидат ставени на листата на светско наследство во опасност. Како резултат на таа опасност следеше посетата на Реактивната мониторинг мисија во април 2017 година, од која произлезе и Извештај чии препораки беа усвоени на 4.а сесија на Комитетот за светско наследство одржана во Краков, Полска, во јуни 2017 година.
Во нормални услови, со ваквата изјава на Владата би требало да сме повеќе од задоволни. Но, не сме, а за тоа има повеќе причини.
Најпрвин, јавноста сè уште не го видела овој јавен документ во кој треба да се образложи конкретно кои мерки кои го гарантираат статусот на УНЕСКО се преземени. И покрај ваквата изјава, шестата препорака со рок до 1 февруари 2018 година од Извештајот на Реактивната мисија во која се бара прогласување мораториум на сите градежни модификации на крајбрежјето и урбаното подрачје во рамките на Светското наследство јасно е дека не е имплементирана иако се смета за критично важен чекор што треба да се преземе. Според најновиот извештај (World Heritage Outlook for Lake Ohrid) од ноември 2017 година на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) – неконтролираната и нелегалната урбанизација на крајбрежјето е една од најсериозните закани за Охридското Езеро“, велат активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.
Според нив, неколку од заканите што во моментов сериозно го деградираат единственото македонско светско културно и природно наследство, како што се: катастрофалната состојба на колекторскиот систем, огромниот внес на фосфор од реката Сатеска во езерото, прекумерниот риболов и загубата на блатните екосистеми, се резултат на долгогодишни пропусти на системот и негрижа за богатството на регионот. Тие едноставно не може да се решат преку ноќ.
„Владата нема ингеренции да одлучува за статусот на доброто, односно дали тоа ќе биде или нема да биде впишано на листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Таа одлука треба да ја донесе Комитетот за светско наследство врз основа на активностите преземени на терен во текот на претстојните месеци и години, не само врз основа на еден извештај кој сè уште јавноста не може да го види. Трајното зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е сложен процес. Тој не се состои само од откажување од планирани патишта, ресорти и други мегапроекти. Тоа е долготраен процес, кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност, кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза. Во спротивно, како воопшто би можеле да бидеме сигурни дека дејствувањето на носителите на одлуки, сега како и во иднина, е навистина за доброто и на луѓето и на природата истовремено? Како би можеле да бидеме сигурни дека зборовите соодветствуваат со делата и дека нема да биде предоцна нештата да се поправат?“, прашуваат од „Охрид СОС“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.