Daily news
Панел-дискусија и изложба на тема „60 години ликовно творештво, ЦСЛУ-Прилеп, предизвици и иднина“
Со панел-дискусија и ретроспективна изложба, ЦСЛУ Прилеп вечерва ќе одбележи 60 години од формирањето.
Од 17 часот во библиотеката „Борка Талески“ ќе се одржи панел-дискусијата на тема „60 години ликовно творештво, ЦСЛУ-Прилеп, предизвици и иднина“.
Панелисти се истакнати македонски творци и историчари по уметности, претставници на Министерството за култура, меѓу кои Гоце Божурски, Билјана Прентоска, Јана Јанеска Ристеска, Ана Франгова, Никола Смилков и други, кои ќе говорат за ликовните колонии денес, за развојот на ЦСЛУ, за значењето на колониите и за заштита на културното наследство.
Веднаш потоа од 19.30 часот во галеријата„Борко Лазески“ ќе биде отворена ретроспективната изложба „60 години интернационална сликарска колонија, ликовно творештво во ЦСЛУ“. Најзаслужни за постоењето на ЦСЛУ се проф.д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар проф. Ристо Лозаноски, кои нивната идеја од 1956 година ја преточиле во релност во 1957 год. кога ја формирале првата ликова колонија на Балканот и во Југоисточна Европа.
– Колекциите на ЦСЛУ овозможуваат избор на најразновидни експозиции од областа на сликарските и вајарските дисциплини. Творците од различни ликовни средини од земјава, Европа и другите континенти, во текот на годините за време на летните сеанси создаваат творби со кои ја збогатуваат ликовната уметност и ризницата во Прилеп. Покрај творењето, за нас важна е и комуникацијата и дружењето на ликовните творци од различни културни средини. Ликовните атељеа во овој извонреден творечки амбиент овозможуваат експериментирања и истражувања со цел да се дојде до нешто ново, што ќе се вклучи во општите сликарски токови и ќе биде дел од светската современа ликовна уметност придонесувајќи за нејзиниот развој. Досега имало учесници од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна, Австрија, Полска, Израел, САД, Белгија, Унгарија, Русија, Бугарија, Франција,
Швајцарија, Англија, Норвешка, Јапонија, Романија, Германија, Шведска, Италија,
Финска, Португалија, Грција, Мексико, Сенегал, Алжир, Ирак, Турција, Австралија,
Куба, Аргентина, Албанија, Кипар, Кина, Малезија и Египет – вели Јана Јанеска Ристеска, историчар по уметност.
Во рамките на ЦСЛУ се Интернационалната сликарска колонија, Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер (1963), Интернационалното студио за пластика во дрво (1971) , Интернационалното ателје за витраж (1975), интернационалната работилница за керамика (1975), ателјето за уметничка фотографија ((1978), ателјето за мозаик кое повремено се одржува, Интернационалното ателје за скулптура во метал (1984), како и студото за меил арт формирано во 2015. Создадни се илјадници дела кои се презентирани на изложби во земјата и во странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.