Daily news
Панел дискусија „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“
Во рамки на дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“, која се одвива во склоп на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години, викендов во Кино Култура се одржа панел-дискусијата „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“ која се фокусира на образовниот процес на уметничките академии во Македонија.
На дискусијата учествуваа професори од државните универзитети кои со младите уметници дебатираа за внатре-институционалната политика и кадровска организација, капацитетите во образованието и мотивацијата на студентите, како и можностите за вработувањето на младите кадри во визуелните уметности по завршувањето на студиите.
Ладислав Цветковски, професор по графички дизајн и дигитални технологии во уметноста на ФЛУ – Скопје истакна дека неговата катедра работи со мали групи со цел за поголема мотивација.
„Она што студентите на ФЛУ го имаат се изложбите уште во текот на студирањето за да се соочат со публика и критика, односно да се излезе од стандардниот модел на дејствување“, вели Цветковски.
Јана Јакимовска, доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, предочи дека ликовната акдемија како посебна единица во оваа установа постои од 2014 година, па предметите се ротираат по потреба поради малубројниот кадар, додека како позитивно го истакнува гостувањето на професори надвор од Македонија.
„Секогаш се трудам во предметите кои ги предавам да вметнам и дополнителни нешта, да бидам практична и се обидувам да пополнам некои дупки во образованието кои ги имаат студентите“, истакна Јакимовска
Слободанка Стевчевска, доцент на катедрата за сликарство при скопската ликовна академија истакна дека дел од студентите кои се запишуваат имаат и малку предзнаење од историјата на уметноста или немале претходно формално уметничко образование.
„Како наставник тргнувам од она што го работам и како уметник. Уметноста е постдисциплинарна и затоа со студентите секогаш тргнуваме од почеток и се трудам да не бидам анахрона. Најбитна е довербата во класата и ги поттикнувам да почнат да размислуваат и гласно да ги кажуваат работите, бидејќи општеството аоздава многу граници во секое поле, па така и во уметноста и затоа сакам да го изместиме она што се очекува од нив“, вели Стевчевска.
Во однос на тоа каде е границата помеѓу занаетот/едукативното и општественото, односно политичкото и како се соочуваат студентите со општествените текови во Македонија, сметаат дека ниту студентите, ниту професорите не можат да бидат изолирани од она што се случува околу нас.
„Таа граница е тенка и најлошо што може да се случи е да направите свој клон. Ние сме дел од од сето она што се случува и затоа ги охрабрувам преку дискусија да зборуваат и да не се плашат да ги искажат своите ставови. Можностите за младите уметници се навистина оскудни, но тоа е и голем предизвик за мене како професор, бидејќи тоа ми дава поголема слобода во креирањето на програмата“, смета Цветковски.
Јакимовска додаде дека со оглед на малиот фонд на часови и имајќи предвид одредено предзнаење на студентите, имаат многу занаетски работи кои треба да се научат, но уште веднаш треба да се соочат и со грешки и дека надвор од факултетот никој нема да ги штеди од критика.
„Можностите за вработување после завршувањето на студиите по уметност се речиси невозможни и затоа ги поттикнувам да научат што повеќе споредни работи од други области. Тука се поставува и прашањето дали и колку се прави компромис на работното место кај оние кои добиваат шанса за вработување. Важно е да излегуваат надвор од Македонија за да почувствуваат и поинаков образовен систем“, вели Јакимовска.
„Апсолутно имаат право да разговараат за идеолошкото, за општествено-политичкиот и историскиот контекст бидејќи се свесни индивидуи и треба да постои дискусија меѓу студентите со различни позиции. Тукашната политика ни ги окупира животите, но тоа е и добро, бидејќи сега е време да го кажеме она што сме го премолчувале и да го победиме стравот кој нèограничува“, смета Стевчевска.
Љуљзиме Лека Мулаку, професорка на факултетот за ликовни уметности при Државниот универзитет во Тетово ги предава предметите Методика на ликовната уметност, како и концептуална уметност вели дека не може да се побегне од политичките и историските прилики.
Дискурзивно-едукативната програма „Совршениот уметник“ за првпат се случува годинава и е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат, во партнерство со Центарот за современи уметности – Скопје и Фондација Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје.
Првиот семестар од програмата „Совршениот уметник“ продолжува до 25 јуни и вклучува локални, регионални и интернационални гости на три локации во Скопје: Кино Култура, Мобилна галерија и киното на Железничка зграда. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.