Daily news
Полицијата започнува борба против „дивите трки“ во Скопје
СВР Скопје започна со реализација на посебниот план за зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачјето на главниот град, преку засилени и интензивни сообраќајни контроли, со посебен фокус кон помладите категории возачи, како и возачите на моторцикли.
Како што нагласи Билјана Милевска, начaлник на Одделението за превенција при СВР Скопје, на вчерашната промоција на новите оперативни мерки во областа на сообраќајот, на подрачјето на СВР Скопје во последниот период станала се позабележителна појавата на поголем број на возачи на моторцикли, кои се движат со голема брзина и при тоа создаваат голема бучава, со што го нарушуваат јавниот ред и мир и спокојството на граѓаните, но и прописите од областа на сообраќајот.
Оваа појава на брзо возење и несовесно однесување на возачи на моторцикли е особено присутна во вечерните часови и во деновите од викендите, а таквото поведение директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот и доведува до зголемување на бројот на прекршоци по разни основи.
СВР Скопје e решен да ја елиминира појавата на таканаречени “диви трки“ на моторни возила во кои несовесните возачи ја загрозуваат личната но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Активностите на СВР Скопје во рамки на подготвениот план во чија што реализација покрај сообраќајната полиција се вклучени и други организациони единици при овој сектор за внатрешни работи, практично траат два дена наназад при што заклучно со вчеравечер веќе се изречени мерки кон возачи на моторцикли и по основ на Законот за безбедност на патниот сообраќај и по основ на Законот за возила.
Така, заради немање заштитен шлем (кацига) изречени се десет мерки, за неносење или за непоседување возачка дозвола пет мерки каки и две мерки за непоседување возачка потврда, потоа за возење моторцикл во алкохолизирана состојба една мерка, управување несоодветна категорија четири мерки, незастанување на даден знак една мерка, како и четири мерки за нерегистриран мотроцикл и истечена важност на регистрацијата. Исто така од страна на Одделението за Безбедност на патниот сообраќај изречени се осум мерки кон возачи на моторцикли, како и 14 мерки по основ на Законите за безбедност на патниот сообраќај и за возила, од кои шест мерки се однесуваат на пречекорување на брзината на движење.
“Решени сме да ставиме ред во сообраќајот и тука нема отстапување! Полицијата секојдневно ќе биде присутна на улиците на Скопје и ќе бидат санкционирани сите оние што ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот. За полицијата како сервис на граѓаните нивната безбедноста е на прво место“ нагласи Милевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.