Daily news
Предавање на Антон Ледерер во Музејот на современа уметност
Проектниот простор Прес ту егзит заедно со Музејот на современа уметност ве покануваат на предавање на Антон Ледерер, ко-основач на <ротор> центарот за современа уметност во Грац, Австрија. Предавањето ќе се одржи во вторник во просториите на Музејот на современа уметност во Скопје, со почеток во 20 часот.
Во своето предавање Антон Ледерер ќе се фокусира на прашањето за институционалните стратегии: Каква уметност сакаме да презентираме и да произведуваме, и, кому сакаме да му се обратиме преку нашите културни активности? Многу уметнички институции и иницијативи се соочуваат со истата ситуација: добро информирана, но релативно мала посетеност освен од експерти и љубители на уметност. Кои се начините преку кои можеме да ги привлечеме останатите заинтересирани за современа уметност, кои често мислат дека истата е премногу комплицирана и достапна само за искусните познавачи? Антон Ледерер ја следи идејата дека уметничката продукција која е поврзана со личните животни околности на луѓето и ги допира прашањата на денешното општество, може и треба да предизвика поголем интерес во јавноста.
Антон Ледерер е роден во Грац во 1970 година. Во 1994 година започнал со претставување на уметнички проекти наменети за јавноста во сопствениот дом. Заедно со Маргарете Маковец, една година подоцна, првичната иницијатива ја именуваат како „Соба за уметност“, за во 1999 година да го основаат <ротор> центарот за современа уметност во Грац. Визуелна уметност е појдовна точка за нивните програми, со акцент на уметничката продукција која првенствено се занимава со социјални, политички, економски и еколошки прашања на современието. Фокусот на развивање соработки отсекогаш бил суштински елемент на филозофијата на <ротор>, исто како и дејствување во мрежи. Ова се однесува на вмрежување во рамките на уметничката продукција, но, еднакво, и можеби уште поважно, за делувањето вон границите на уметничкото и придвижување кон поголема интердисциплинарност со други области на знаење. Освен тоа, јавниот простор е од големо значење за активностите на <ротор> во кој може да се направи уметноста да ги остави зад себе институционалните ограничувања и активно да се ангажира да ја прошири публика и критичкиот дискурс.
Нивната програма се концентрира на општествена и политички релевантна уметничка продукција, а имаат развиено фокус на соработка со уметничките сцени од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Јавната и општествената сфера игра важна улога во нивните програмски активности, со намера да допрат до публиката која не го преминува прагот на уметничкиот простор, како и да препознае субјекти за општествена трансформација во јавниот простор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.