Daily news
Премиерот Заев со обраќање на универзитетот Колумбија ја заокружи посетата на Њујорк
Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот на надворешни работи, Никола Димитров и министерот за дијаспора, Едмонд Адеми беше почесен говорник на универзитетот Колумбија, каде што во организација на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, имаше обраќање на тема “Свеж старт на Балканот: Демократско обновување и еколошко обновување на линија на Одржливи Развојни Цели.“
„Можни се одржливи решенија за прашањата и областите важни за граѓаните. Ние научивме многу од политичката криза, од којашто излеговме помудри, дека само заедно, со вклучување на сите во општеството, секој да биде дел од решението и со трпение, може да се постигне посакуваната цел. Денес Македонија е повторно демократија, исправена на патот на ЕУ и НАТО, каде што припаѓа. Новата Влада ја отвори Република Македонија во земја на можности за сите, за граѓаните, цивилното општество и граѓанскиот сектор, политичките партии, за заедно да ги постигнеме стратешките цели, економски развој и евро-атлантски перспективи. За таа цел ги отворивме вратите и на интензивна соработка со соседите и со земјите пријатели на Македонија од ЕУ и НАТО и нашите очекувања се дека овие зацртаните цели се остврарливи. Благодариме на УНДП, на САД, на Швајцарската агенција за развој и соработка и на сите кои ги помагаат принципиелно демократските процеси во Република Македонија“, рече премиерот Заев на обраќањето пред студенти на универзитетот Колумбија.
„Презедовте реформи за нови работни места, за социјална кохезија, за реформи во правосудството, за заштита на животната средина, за прашања важни за квалитетот на живот на граѓаните во вашата земја. УНДП тоа го почитува и ќе продолжиме да ве поддржуваме на патот кон напредок и евро-атлантска иднина“, е пораката од преставниците на УНДП на настанот, кои ги поздравија реформските, отворени и транспарентни политики на премиерот Заев и на новата Влада.
На настанот присуствуваа и говореа директори од универзитетот Колумбија и од УНДП во САД и претставници за Македонија, како и студенти кои покажаа познавање за напредокот на Македонија на политички план и се интересираа за повеќе прашања околу политиките на новата Влада во насока на интеграциите и развојот на нашата држава.
Премиерот Заев, владината делегација и присутните на универзитетот Колумбија го проследија и документарниот филм „Езеро на јаболки“, направен со поддршка на УНДП, којшто се однесува на заштитата на Преспанското езеро, како и на заштита на природните богатства како дел од Одржливите развојни цели.
Со присуството на универзитетот Колумбија премиерот Зоран Заев и владината делегација ја заокружија официјалната посета за 72. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, каде што премиерот Заев имаше обраќање, учествуваше на повеќе тематски панели, оствари бројни средби со светски лидери на највисоко политичко ниво, средби со дијаспората, со претставници на големи светски компании и бизнисмени, даде интервјуа за домашни и странски медиуми и со позитивната енергија и визијата за развој на Република Македонија и пошироко на меѓународен план, го сврте вниманието на светот кон нашата држава, како земја на развојот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.