Daily news
Продолжен рокот за пријавување бесплатен одмор за работници со ниски приходи
Министерството за економија денеска го продолжи рокот за аплицирање за владината мерка за бесплатен одмор за работници со ниски приходи до 20 ноември годинава со цел да им овозможи на што повеќе граѓани кои ги исполнуваат условите да ги достават потребните документи предвидени со јавниот повик.
Досега над 650 граѓани изразиле интерес за користење на владината мерка, а според средствата што се обезбедени за оваа намена, во износ од 60 милиони денари, се проценува дека бесплатен одмор ќе може да користат 4.000 семејства, во вредност од по 15 илјади денари, во еден од 60-те категоризирани угостителски објекти за сместување во Република Македонија кои се пријавија во Министерството за економија.
Јавниот повик е објавен на 1 септември годинава, а право за добивање на имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 22.000 денари.
За учество по јавниот повик, работниците со ниски приходи – баратели, до Министерството за економија треба да достават:
– Пополнет образец на барање (готов формулар кој може да се подигне во архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет-страницата на Министерството: www.economy.gov.mk);
– Потврда од работодавецот за висината на исплатена нето-плата од последните три месеци и извод од банка за последните три месеци за подносителот на барањето, како и на членовите на семејството (сопруг, сопруга и деца) кои заедно со него ќе го користат одморот;
– Фотокопија од лична карта или патна исправа за него и членовите на семејството кои заедно со него ќе го користат одморот и
– Изјава дека барателот лично или со членовите на семејството кои се наведени во барањето ќе го користат одморот (готов формулар).
Притоа, едно лице може да поднесе само едно барање за пријавување на интерес за користење средства за организиран одмор, а потврдата за користење средства за организиран одмор се издава по принципот „прв дојден прв услужен“.
Барањето треба да се достави до архивата на Министерството за економија лично или преку пошта на адреса „Јуриј Гагарин“ бр. 15 Скопје, а листата на баратели кои доставиле уредна и комплетна документација се објавува на веб-страницата на Министерството за економија најдоцна седум дена од денот на утврдувањето на листата.
Корисниците кои ќе ги достават потребните документи и ќе ги исполнат условите за користење на оваа мерка ќе добијат потврда од Министерството за економија за користење средства за организиран одмор за работници со ниски приходи, поточно ќе им биде издадена Потврда за користење средства за организиран одмор за работници со ниски приходи во споменатата вредност.
Целта на овој проект е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.