Daily news
Проект на Австриската академија на науките: Кумановскиот музеј ќе ја истражува византиската патна мрежа во регионот
Кумановскиот музеј и Одделот за византолошки истражувања од Австриската aкадемија на науките ќе ја истражуваат средновековната патна мрежа во кумановско и регионот, информираа денеска надлежните од установата.
Проектот е заеднички и е инициран од Kумановскиот музеј и претставниците на Австриската aкадемија на науките – Одделот за византолошки истражувања, објасни, археологот и директор на НУ Музеј Куманово, Дејан Ѓорѓиевски.
Музејот Куманово и регионот, Крива Паланка и Кратово ќе бидат вклучени во проектот „Дигитализирање на шеми на моќ (Digitising patterns of power)”, со кој ќе се анализира средновековната патна мрежа преку користење на средновековните пишани извори, интеракцијата меѓу природната околина и човековата дејност, како и зависноста на религискиот, економскиот и политичкиот развој од географската поставеност на регионот.
– Веќе подолго време се обидуваме да воспоставиме контакт со нив бидејќи има многу сличности во начинот на работа со нив и во интересите кои ги проучуваме, така што успеваме да договориме проект со д-р Михајло Поповиќ од Австриската Академија на науките, кој ја работи патната мрежа во Византија, изјави Ѓорѓиевски.
Преедвидено е поектот да се реализира идната година преку средства кои дополнително ќе се обезбедат од меѓународните фондови, додека НУ Музеј Куманово со овој проект ќе аплицира во годишната програма на Министерството за култура за 2018 година.
– Претставниците од оваа установа имаат студиозен пристап во проучувањето на патната мрежа, имаат издадено неколку тома за патната мрежа во Византија и имаат востановено принципи на работа.Првин се прегледуваат средновековните пишани извори кои зборуваат за можни движења, постоење на некоја патна мрежа, се мапираат, се внесуваат во дигитална форма, во однос на релации населби со религиозни објекти, помали со поголеми центри и на тој начин се добива слика од што зависел развојот на едно подрачје во зависност од географската поставеност, појасни Ѓорѓиевски.
Резултатите за средновековната патна мрежа од кумановскиот регион ќе бидат презентирани на меѓународни симпозиуми и предавања во организација на Академијата.
Овој проект е многу значаен за Кумановскиот музеј, кој покрај досегашната соработка со реномираните светски универзитети од Оксфорд, Саутемптон и Единбург, ќе соработува со академијата од Австрија и на овој начин, установата, нејзините истражувања, кумановскиот регион ќе се промовираат на меѓународно ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.