Daily news
Радмила Шеќеринска прва жена на чело на вооружените сили
Радмила Шеќеринска Јанковска е прва жена која застанува на чело на Министерството за одбрана на Република Македонија. Таа е и единствената жена која го повикуваше Никола Груевски да излезе на дуел и да не се крие од женски фустан.Во исклучително долгата политичка кариера во неколку наврати е пратеник во Собранието, од 2002 до 2006 година во владите на Бранко Црвенковски и Хари Костов беше заменик-претседател задолжена за Европска интеграција и координација на странската помош. Токму нејзе ѝ се припишува како заслуга добивањето на кандидатскиот статус на Македонија за членство во ЕУ во 2006 година. Во матичната СДСМ, пак, ги помина практично сите степени во хиерархијата достигнувајќи го врвот во истата 2006 година кога дојде на чело на партијата.
Нејзиното вклучување во политичкиот живот почнува во 1993 година кога е избрана за член на Централниот одбор на СДСМ. Од 1995 е член на претседателството на ЦО на СДСМ и претседател на СДММ, а во 1999 година е избрана за потпретседател на ЦО на СДСМ и за меѓународен секретар на партијата. Во 1997 – 1998 година беше портпарол на СДСМ. Во два мандата од 1999 до 2006 беше потпретседател на Партијата, а на 5 ноември 2006 година на вонреден конгрес е избрана и за претседател. На парламентарните избори во 2008 година СДСМ под нејзино водство беше убедливо поразен од ВМРО-ДПМНЕ, што кај дел од нејзините сопартијци предизвика револт кон неа како најодговорна за неуспехот. Истата година е заменета од Зоран Заев, кој стана ВД претседател на СДСМ и чувар на местото на Бранко Црвенковски. По сите партиски превирања кои ги следеа изборните порази, а кулминираа со повлекувањето на Бранко Црвенковски од кормилото на партијата во 2013 година, Заев дефинитивно ја презеде лидерската позиција, додека Шеќеринска повторно стана потпретседател и негова десна рака. На таа позиција е и денес.
Радмила Шеќеринска беше сведок, учесник и жртва на двата најголеми инциденти во историјата на македонското Собрание. На 24 декември 2012 година, на таканаречениот „црн понеделинк“ пратениците од тогаш опозициската СДСМ беа исфрлени од пленарната сала од страна на собраниското обезбедување. Шеќеринска беше брутално турната, а во меморијата на граѓаните ќе остане снимката на која се гледа како нејзиниот колега Игор Ивановски на раце ја изнесе од салата. Уште повеќе ќе бидат запаметени насилствата од 27 април оваа 2017 година, кога толпа приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ по изборот на Талат Џафери за нов спикер упадна во Собранието и физички ги нападна пратениците на СДСМ. Шеќеринска најпрвин од еден насилник беше удрена по глава со статив од камера, а потоа друг напаѓач ја повлече за косата спуштајќи ја наземи. По ова потпретседателката на СДСМ со сериозни повреди беше пренесена во болница, но брзо заздрави и им се врати на своите политички задолженија.
Таа е дел од малата група на исклучително влијателни жени во македонската политичка историја, позната и по лобирањето за поголема застапеност на понежниот пол на одговорни функции. Се смета дека како резултат на нејзините залагања, СДСМ беше првата голема партија која воведе принцип на квоти за жени во сите свои партиски органи. Дополнително, за време на Владата на СДСМ, Македонија доби напредна законска регулатива со која сите партии беа обврзани да имаат најмалку 30% жени на сите свои изборни листи.
Што се однесува до нејзиното образование, Шеќеринска дипломирала на Електротехничкиот факултет во Скопје во 1995 година, а магистерска титула доби на престижната школа за дипломатија и право „Флечер“ во САД во 2007 година. Неколку години работела како асистент на Електротехничкиот факултет. Автор е на повеќе научни трудови. Во 2005 година ја доби наградата „Глобални лидери на утрешнината“ што ја доделува Светскиот економски форум. Зборува англиски и француски јазик. Сопруга е на познатиот бизнисмен Божидар Јанковски, со кого има ќерка. Д.М
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.