Daily news
Репортажа: Авто-камп „Ас“, атракција за странците, спас и мир за охриѓани
Авто-кампот „Ас“ во Струга, досега рекламиран како атракција за странските гости, последниве неколку денови добива нов атрибут: Спас за домаќините, односно за охриѓани, кои живеат под стрес од земјотресите. Можеби – и за самите стружани, кои од ноќеска ја презедоа земјотресната „штафета”
Авто-кампот „АС“ во моментов е поприлично полн, особено во приколките, со летувачи од Скопје и другите македонски градови. Ги има и од странство, посебно од Холандија, кои велат дека овде, како љубители на природата, им е најубаво.
Деновиве особена живост внесоа и камперите, кои ги доживуваат како атракција младите летувалци, кои организирано, во тури доаѓаат, преку светски познатиот тур-операторски бренд „Кентаки”.
Ги има практично од целиот свет, се собираат во Амстердам и од тука патуваат по Јужна Европа.
Охрид, односно Струга им се незаобиколна дестинација. Оттука заминуваат за Албанија, па Грција и назад, преку Отронска врата на Јадранот, во Италија.
Неверојатно организирани, имаат бројна публика од камперите, кои со восхит гледаат како за 5 минути го празнат автубусот, наредните десет се веќе поставени шаторите, а за тоа време посебна екипа веќе направила комплетна кујна, со сите потребни нешта – сè до скара за македонски кепап и плескавица.
„Драго ни е што успеаваме во нашиот крај да ги вратиме Холанѓаните, посебно љубителите на природата. Но, децата кои континуирано доагаат преку ‘Кентаки’, ни се посебна милост и атракција затоа што кога тие доаѓаат тоа е настан и за другите кампери“, вели за Макфакс, Крсте Трпеноски, раководителот на кампот, кој се грижи на сите да им излезе во пресрет, сите да ги праша што им недостасува.
-„На гостите, особено оние од странство, им ги презентираме услугите на кампот и на хотел ‘Дрим’, под чиј бренд работиме ние. Таму можат да одат на вечерна забава, да ја вкусат нашата надалеку позната кујна, особено со македонски специјалитети. Редовно ги запознаваме со убавините, културните богатства што ги нуди градот, но и Македонија, додава Трпеноски.
Големиот интерес за време на летниот период за посета на кампот од страна на различни гости ни дава уште голем поттик да инвестираме во него, иако во моментов има добри услови за престој.
-„Особено се атрактивни дрвените куќи, со две големини, за две лица, односно цело семејство, кои се комплетно уредени со стандард од високи перформанси.Тие се посебно барани, веќе имаме проект и заокружена финансиска конструкција за уште еден голем комплекс од педесетина куќи, но поради административни бариери, сè уште не сме влегле во реализација на зафатот”, забележува Трпеноски, искусен туристички работник од Струга.
Напоменуваат дека и во иднина ќе се залагаат да ја вратат навиката – луѓето наместо да престојуваат во хотели летниот одмор да го поминуваат во кампување, посебно оние гости кои се љубители на природата.
Особено што автокампот „Ас” е во комплиментарна сопственичка конекција со хотелите „Дрим” и „Београд”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.