Daily news
РСБСП: Внимателно зад воланот за 1 мај
Викендот кој следи ќе го поминеме во знакот на 1 мај – Mеѓународниот ден на трудот. Но, бидејќи станува збор за уште еден продолжен пролетен викенд и можност да се патува повеќе од вообичаено, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со неколку кратки совети и потсетувања за сите учесници во сообраќајот.
„За сите кои планираат да отпатуваат на продолжен викенд или на некое подалечно место, РСБСП најпрво ѝм советува да го проверат своето возило пред да тргнат на пат.
Освен редовната пролетна проверка на возилото апелираме до тие кои што сѐ уште немаат направено замена на зимските гуми, да го направат тоа веднаш.
Покрај тоа, неопходно е да се направи проверка на притисокот на воздух во гумите, проверка на исправноста на светлата, замена на бришачите, проверка на маслото во моторот и задолжително треба да проверите дали сте подготвени за итни случаи со сет за прва помош, вода, ламба и др.
Оние кои патуваат на поблиските излетнички места најчесто ги користат локалните и регионалните патишта и треба да имаат во предвид дека освен возила, на овие патишта има голема фрекфенција на велосипедисти, мотоциклисти, но и пешаци.
На овие патишта, не ретко се среќава и движење на животни. Затоа, бидете внимателни и трпеливи. Внимавајте на ранливите категории учесници во сообраќајот и прилагодете ја брзината на движење.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира за внимателно управување на возилото, особено низ населените места и прилагодување на брзината кон условите на патот.
Неизоставен дел од првомајските прослави е алкохолот. Младост е да се напиете, но лудост е да возите пијани! Треба да се запамети, управувањето моторно возило под дејство на алкохол е една од водечките причини за предизвикување сообраќајни незгоди со фатални последици. И една испиена чашка алкохол влијае на вашите возачки способности.
Да не ја расипете забавата и безбедно да се вратите дома, почитувајте ги следниве совети:
-Доколку консумирате алкохол, не седнувајте зад воланот.
-Доколку консумирате алкохолох или имате желба повеќе да се опуштите постојат други алтернативи:
- дозволете некој друг да ве вози
- правете ја скарата во вашиот двор или викенд куќа каде што ќе можете да одморите или отспиете доколку испиете повеќе.
- користете јавен превоз. Некогаш е поинтересно кога цело друштво е собрано на едно место. Тој е уште една од можностите кои ви се на располагање за пријатно празнично расположение.
РСБСП постојано советува и апелира за одговорно возење без консумирање алкохол. Наша должност е повторно да ги потсетиме сите млади луѓе: бидете одговорни за вашиот живот, но и за животот на останатите учесници во сообраќајот. Грешките не можат да бидат исправени. Секоја солза пролеана по изгубен живот на млад човек, полн со желби и визии за иднината, е залудно пролеана. Чувајте се, затоа што прокоцканата шанса за живот, не се враќа назад.
Временските услови, исто така, се од особена важноста за безбедното учество во сообраќајот. Според најавите од метеоролозите, времето викендов ќе биде променливо, па не е исклучена можноста пролетното сонце за час да го прекријат облаци и врнежи од дожд. Променливото време предизвикува главоболки, раздразливост, поспаност и омалаксаност кои можат да влијаат врз расположението на возачот, да го оттргнат вниманието од патот и целосно да ги дефокусираат возачите. Многупати недостатокот на концентрација е исто толку опасно како возење под дејство на алкохол. Во таа насока, советува да го испланирате патувањето, да возите наспани и одморени, да практикувате добри техники на возење и да ја проверите временската прогноза пред да тргнете на пат.
Држете растојание меѓу вас и возилото пред вас. Зголемената фрекфенција на возила, бара одговорно и внимателно возење.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува сите учесници во сообраќајот дека на секое патување, најважно од сѐ е да стигнат здрави и живи до саканата дестинација, се потенцира во информацијата РСБСП. .крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.