Daily news
Секое трето девојче е жртва на насилство, секое четврто дете е сведок на домашно насилство
Во Македонија нема постоен систем за заштита на жените и девојките со попреченост кои се жртви на некоја форма на насилство. И оние специјализирани сервиси што постојат не се пристапни и приспособени за потребите на оваа ранлива група, беше истакнато на панел-дискусијата на тема „Жени и девојчиња со попреченост – потенцијални жртви на родово базирано насилство“, што се одржа во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во соработка со агенциите на ОН, Министерство за здравство и Министерство за труд и социјална политика.
Настанот го отвори Луиза Винтон, постојаната координаторка на Обединетите нации во земјата. „Жените и девојчињата со попреченост се соочуваат со двојна дискриминација. Немаат еднаков пристап до образование, здравствени услуги и вработување, а се соочуваат и со повисок ризик од насилство, злоупотреба и експлоатација. Затоа, треба двојно повеќе да работиме за да им овозможиме целосно да го уживаат правото да водат исполнет, независен и безбеден живот во заедницата“, рече таа.
Прва говорничка на дискусијата беше Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, која говореше за проблемот на непостоење соодветни сервиси за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано насилство на целата територија на Македонија, односно за потребата од воспоставување сеопфатен систем за поддршка на жртвите на насилство, и тоа од простор до соодветно обучен кадар. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека насилството врз жените и девојчињата со попреченост ќе биде опфатено во сите политики и мерки за заштита на жртвите. Сервисите и услугите мора да бидат целосно достапни и пристапни за сите. Не смееме да дозволиме жените со попреченост, кои биле подложени на насилство, да бидат лишени од правото да побараат и добијат соодветна помош и поддршка“.
Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија, говореше за децата подложени на насилство и запоставување. „Бројот на жени и деца на глобално ниво, но и тука, кои се жртви на насилство и запоставување, е многу поголем отколку што мислевме претходно. Децата со попреченост се 3 пати повеќе изложени отколку оние без попреченост, секое четврто дете е сведок на домашно насилство, а секое трето девојче е жртва на насилство во детството – но, половината од нив никогаш никому не му кажуваат за тоа. Сето ова остава траен белег и подоцна влијае врз учењето, здравјето и сите други аспекти на животот. Можеме и мораме да го запреме насилството врз жените и децата“.
Последна се обрати Ема Ананиевска, апсолвентка на Факултетот за музичка уметност, која зборуваше за своето лично искуство на живот со попреченост. Таа зборуваше за своето школување, недостигот од поддршка за лицата со попреченост кои се во редовниот школски систем, како и за огромната поддршка што таа ја добила од своите блиски, што ѝ помогнало да ги преброди сите пречки со кои се сретнала во животот. Модераторка на дискусијата беше Љуљета Адеми, која, што нагласи, е жртва на насилство и лице со попреченост. Адеми исто така даде примери од своето лично искуство, за своите патешествија во добивање помош и поддршка и за успешното справување со проблемите. Таа исто така се осврна на лицата од албанска националност кај кои овој проблем е уште поевидентен, но, за жал, затскриван и недоволно дискутиран. Дискусијата беше организирана со цел актуализација на проблемот на насилство врз жените и девојчињата со попреченост поради тоа што насилството врз жените и девојчињата со попреченост мора да се препознае како сериозен општествен проблем и да му се посвети должно внимание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.