Daily news
Се снима „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски
Повеќе од две недели екипата која работи на филмот „Ефектот на среќа“ во режија на Борјан Зафировски снима приказна за универзалната потрага по среќа на различни локации низ Скопје и Охрид, а во моментов се работат сцени во студиото на Fx3x. Главните ликови во ова остварување ги толкуваат: Дејана Попоска, Сашко Коцев и Ана Стојановска, додека во другите улоги се појавуваат Сара Анастасовска, Јовица Михајловски, Петар Арсовски и Мими Таневска. Покрај тоа што е режисер, Зафировски го напиша и сценариото во соработка со познатиот македонски драматург и писател Дејан Дуковски.
Дејството во „Ефектот на среќа“ е сместено во Македонија, но приказната е универзална и е поврзана со личната потрага по среќа и по смислата на животот што се прашања кои се заеднички за сите луѓе без разлика од каде доаѓаат.
„Работата на еден игран филм е макотрпен процес кој честопати трае со години. Долг е патот од идејата до реализацијата, но досега изодевме голем дел од тој пат. Задоволен сум од соработката со целата екипа и секако од актерите со кои комплетно се разбираме во тек на креативниот процес, што е показател дека се приближуваме кон добар производ. Кога има разбирање, соработка и конструктивна размена на мислења, верувам дека успехот е неизбежен. Откако ќе завршиме со снимањето следува монтажа, постродукција и уште многу други сегмементи кои се клучни делови од создавањето на еден игран филм. Но, засега сите наши сили се насочени кон тоа да снимиме добри сцени и да го извадиме максимумот“, вели режисерот Зафировски.
„Ефектот на среќа“ е во продукција на „Ново Македонско видео“, а најголемиот дел од буџетот е обезбеден од Агенција за филм на Република Македонија. Копродуценти се „Њу момент“, „Видео хаус анимејшн“, Национален центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово.
„Со самиот факт дека во оваа приказна влегоа и Националниот центар за филм на Република Албанија и Центарот за филм на Косово, е доволен доказ дека е препознат потенцијалот на ‘Ефектот на среќа’. Земајќи ја предвид универзалноста на приказната во која може да се пронајде секој човек како и квалитетот на производот околу кој уште од самиот старт не правиме никакви компромиси, веруваме дека ќе ни се отворат врати и за голем број фестивали и кон интернационалниот пазар“, истакнува продуцентот Сашо Пешев.
Главната машка улога во „Ефектот на среќата“ му припадна на познатиот глумец Сашко Коцев, кој вели дека градењето на ликот на Игор му било предизвик.
„Сакам да влегувам во проекти во кои ќе пробам нешто ново и ќе ми претставуваат актерски предизвик. Овој проект влегува токму во таа категорија. Задоволен сум од тоа како досега тече процесот, атмосферата на снимањето е релаксирана поради што сме попродуктивни и конструктивни во работата. Се надевам дека така ќе остане до последниот ден на снимање и ќе добиеме производ од кој сите ќе се гордееме“,посочува Коцев.
Како дел од активностите врзани со филмот „Ефектот на среќа“ на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм, Твитер) е отворен повик до сите заинтересирани да постираат видео или фотографија од тоа што ги прави среќни и притоа да го искористат хаштагот#TheHappinessEffect. Најдобрите видеа/фотографии ќе се појават во филмот режиран од Борјан Зафировски.
Снимањето на „Ефектот на среќа“ ќе продолжи и во следните 10-ина дена на различни локации во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.