Daily news
Снимател на Макфакс со потрес на мозокот префрлен во болница, одземени картички, искршени мобилни телефони – тешка ноќ во македонскиот парламент
Снимателот на „Макфакс“ Никола Ордевски со потрес на мозокот е префрлен на клиниката за трауматологија откако во текот на вчерашните насилства беше нападнат во Собранието на Република Македонија. Неговата состојба е стабилна но сепак поради сериозноста на повредите ќе мора да остане на болнички третман. Засега непознатите насилници го удриле нашиот снимател додека траеше хаосот во собраниските сали. Речиси истовремено на фотографот на „Макфакс“ Филип Неделковски други насилници со пцовки и закани му ја одзедоа картичката со драгоцени фотографии од настаните во Собранието. Лицата со „фантомки“ генерално покажуваа вонредна грубост кон новинарските екипи кои известуваа во живо од внатрешноста на македонскиот парламент. Бевме сведоци на искршени камери, лап-топи и мобилни телефони, а летаа и шлаканици и навреди кон новинарите и камерманите кои најпрофесионално се обидуваа да ги извршат своите работни задачи. Дел од новинарите, меѓу нив и двајца репортери на МАкфакс беа принудени да се сокријат во подрумските простории и таму неколку часа да го чекаат ослободувањето од страна на полицијата.
Што се однесува до полицајците кои требаше да ги заштите пратениците, новинарите и вработените во Собранието од радикализираната толпа, без секакво двоумење мораме да потврдиме дека тие не ја завршија својата обврска, особено во првиот период кога насобраните луѓе речиси без проблем ја прескокнаа заштитната ограда а потоа и ги пробија вратите на самото Собрание. Зачудува фактот дека специјалните сили на полицијата извесен краток период ги бранеа главните скали во објектот додека толпата се качуваше нагоре по споредните и без проблем успеа да се пробие до салата за прес конференции каде потоа беа нападнати пратениците. Во подоцнежниот период, по соземањето и веројатно откако конечно биле издадени вистински наредби, специјалците ја извршија задачата за ослободување на собраниските простории и ходници, како и просторот кај споредните излези на најпрофесионален начин. Репортерот на Макфакс беше сведок на моментот кога пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев се проби низ разјарените напаѓачи и потоа застана пред раскрвавените пратенции од СДСМ и ДУИ буквално молејќи ги луѓето во просторијата да се смират и да не предизвикаат дополнително крвопролевање. Во ужасно тензичната атмосфера, страшната загушливост и нервните испади кои повремено преминуваа во хистерија, вистинско чудо е дека немаше фатални случаи. Сцените од македонскиот законодавен дом, кој синоќа беа главна вест не само во регионални туку и во европски рамки, несомнено тешко го нарушија угледот на нашата земја но, сосем сигурно предизвикаа и бројни прашања во европските центри на кои ќе мораме многу брзо да дадеме вистински одговори.крај/дм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.