Daily news
Снукерот во Македонија има сериозен потенцијал
Евидентен е напредокот на снукерот во Македонија во последните години. Ова е главниот заклучок од тридневната снукер-работилница, која се одржа во Гран билијард и снукер клубот во Скопје, при посетата на реномираниот снукер професионалец и тренер Најџел Бонд.
Снукер заедницата е во пораст, квалитетот на играчите е сѐ подобар, сериозно е зголемена професионалноста во организацијата на домашните снукер турнири и школи, а запознаеноста на публиката за овој спорт во Македонија, стимулирана од големите светски снукер турнири, но и од вакви настани, е сé помасовна. Бонд одржа едукативни тренинзи со најдобрите македонски снукер јуниори и вљубеници во овој спорт и неколку егзибициски натпревари со веќе афирмирани снукер играчи од Македонија, но и од регионот.
„За мене е лесно воочлив големиот напредок на снукерот во Македонија, имајќи предвид дека ова е моја четврта посета на вашата земја во која имам шанса да работам со играчи кои веќе имаат сериозен потенцијал. Посебно задоволство ми е што учествувам во инспирирањето на младите талентирани играчи и со нетрпение ги очекувам нивните учества и успеси на поголемите регионални и европски турнири“, изјави Најџел Бонд по одржаните индивидуални тренинзи во Скопје.
Бонд одржа тренинг сесии и со млади перспективни играчи од македонските јуниорски школи. Меѓу нив, во моментов, со најголем потенцијал се Берат Јашари (18 години) и Стефан Кнежевиќ (14 години) кои работејќи со Бонд стекнуваат значајно искуство и вештини.
Инаку, прв опонент на Бонд во егзибиционите натпревари му беше Павле Данилов, најдобриот македонски снукер играч, а воедно и најангажиран промотор на снукерот како спорт во Македонија.
„Голема чест е да се игра со снукер играч од ваков калибар. Покрај тоа што е извонреден во она што го прави, Најџел е и докажан пријател на македонската снукер заедница. Целта на ваквите настани е снукерот да го издигнеме на ниво на спорт во Македонија, докажувајќи ја организираноста, квалитетот на играчите и афирмацијата што тие ѝ ја обезбедуваат на нашата земја на домашните и на турнирите во странство“, изјави Данилов.
Во насока на подобрување на квалитетот на снукерот во Македонија и негово етаблирање, во фаза на обука се домашни тренери кои до крајот на годината треба да бидат сертифицирани од EBSA (European Billiards and Snooker Association). Крајна цел е постигнување на уште поорганизирана форма на снукерот и негова афирмација како спорт во нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.