Daily news
Соработката меѓу парламентите на двете држави во фокусот на средбата на Џафери со амбасадорот на Израел
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Израел, Дан Оријан, во рамките на конференцијата „Македонија 2025“, каде што свое посебно излагање ќе има најдобрата жена иноватор од Израел, Дана Габиш.
На почетокот на средбата амбасадорот го истакна потенцијалот на соработката меѓу двете пријателски држави, при што информира за очекувањата на претседателот на Кнесетот за продлабочување на соработката меѓу двата парламента.
Џафери изрази задоволство од средбата и истакна дека и како поранешен министер за одбрана посветувал големо внимание на соработката со Израел на полето на одбраната и на отворањето на пилотскиот центар и модернизацијата на леталата. Притоа ја потенцира отвореноста и подготвеноста на Собранието за парламентарна соработка во сите аспекти и нивоа бидејќи парламентарната дипломатија многупати досега покажа дека е без стеги и формални ограничувања, со што го трасира патот на полесно воспоставување меѓусебна комуникација. Во однос на депортацијата на Евреите, Џафери укажа дека Република Македонија преку отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје ја покажа и потврди својата безрезервна почит кон жртвите од тој терор.
Амбасадорот Оријан информира за подготовките за одбележување два значајни јубилеја во 2018 година – 70 години од постоењето на државата Израел и 75 години од протерувањето на Евреите од Република Македонија во логорот Треблинка. Комеморацијата ќе биде одбележена со специјална изложба во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, а другите настани ќе бидат под мотото „Марш за живите“ на 11 март 2018 година во Битола, преку марш од 2 км, на кој ќе учествуваат граѓани, претставници на цивилното општество, пратеници, министри, политичари од Израел и Македонија, со што ќе им се оддаде почит на настраданите 7.144 Евреи. Упати посебна покана за учество на маршот на претседателот на Собранието, кој со задоволство ја прифати и даде своја лична и поддршка во името на Собранието на Република Македонија на целиот проект.
Џафери предложи некои од предвидените настани да се реализираат и во Собранието на Република Македонија – пригодна изложба и запознавање на групата ученици од Израел со Собранието на Република Македонија и пригодна дискусија со претседателот на Собранието, проекција на специјални тематски филмови преку директен пренос на Собранискиот канал за да ги видат сите граѓани на Република Македонија и тие да се одржат на 27 јануари – Меѓународниот ден на холокаустот.
Во контекст на подигнување на нивото на меѓусебните односи, Џафери истакна дека оваа комеморација може да биде искористена и за возвратна посета на Република Македонија на претседателот на Кнесетот, како и на групата за соработка, со што ќе се даде силна порака и печат на високиот степен на меѓусебната соработка. Соговорниците споделија заемни уверувања за натамошна конструктивна и интезивна соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.