Daily news
Споменикот на А.ден Долард, искршен и обраснат во трње
Споменикот на А.Ден Долард, холандски писател и новинар кој се смета за најголем промотор на Охрид во Холандија, е искршен и обраснат во трње.
Автор е на познатото дело „Свадбата на седумте Цигани“, со епската приказна за српскиот фотограф кој својата љубов ја пронаоѓа во Охрид, на Охридско Езеро.
Со тоа дело А.ден Долард се смета за најголем промотор на Охрид во Холандија, но и човек од Западот, кој прв проговорил за самостојноста и посебноста на македонскиот народ.
Охриѓани, поради сето тоа, во 2006 година му подигнаа споменик на брегот од Охридското Езеро, кој подоцна успешно се вклопи во Холандскиот парк.
Околу негувањето на делото на А.ден Долард, посебно се издвојува писателот, туристички водич, прв охридски полиглот (холандскиот и уште 5-6 други јазици ги говори како мајчиниот јазик) Мишо Јузмески.
Во Охрид, самоиницијативно, на улицата што охриѓани ја викаат Виа Сакра, онаа којашто од плоштадот води кон Света Софија и срцето на старото градско јадро, го отвори импресивното катче Култура 365, со посебната одаја за А.ден Долард, каде се иззложени сите негови дела во оригинал, многу фотографии и други материјали.
Охридскиот писател и публицист Мишо Јузмески, на холандски јазик, ја објави и книгата со наслов „Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“, откако претходно беше објавена и на македонски јазик.
Централна фигура е холандскиот писател и новинар А. ден Долард, најголемиот промотор на Македонија, заслужен за традиционалното холандско-македонско пријателство, кое од средината на минатиот век се остварува преку холандските туристи кои ја посетуваат Македонија.
Во поговорот, Холанѓанецот Херард Пулвејк, кој е уредник и преведувач на книгата, пишува: „Скитникот, новинар и писател А. ден Долард своето срце му го имаше подарено на Балканот, пред сè на Македонија и посебно на Охрид. Како скитник им се насладуваше на земјата, луѓето, планините, фолклорот. Како новинар беше фасциниран од сложените политички состојби кои македонскиот народ со векови го држеа под власт на околните сили и во своите написи за регионот јасно и остро ја избра страната на експлоатираниот и поробен Македонец“.
„Во македонските срца израсна посебен однос со Холандија и со Холанѓаните. За таа врска и за благодарноста на Македонија кон тој посебен холандски писател станува збор во оваа книга, којашто, се надеваме, ќе си го најде патот до секој што има интерес за оваа земја со нејзината вековна историја и секако уште повеќе до Холанѓаните кои веројатно (повторно) се запознаваат со еден прочуен холандски писател, новинар и голем граѓанин на светот“, вели за Макфакс, авторот Јузмески.
Писателот Мишо Јузмески, беше еден од организаторите и учесниците на посебен Балкански хепенинг за А. ден Долард во Белград. Траеше три дена, секој ден на различно место: Народната библиотека на Србија, Културниот центар „Гроцка“ и во домот на семејството Павловиќ.
Манифестацијата, за А. ден Долард, најплодниот холандски писател од минатиот век, носеше име „Севдах“, а во неа беа вткаени предавања, музички театар и дискусија што ја водеше книжевниот теоретичар Милена Ѓорѓевиќ. Предавачи – Јелица Новаковиќ-Лопушина, универзитетски професор, основач на Катедрата за холандски јазици-Недерландистика на Филолошкиот факултет во Белград.
Од Македонија, говореше Мишо Јузмески, писател, публицист и фотограф, најголем проучувач на Балканот на творештвото на Долард, додека од татковината на Долард – познатата пејачка и драматург Кверине Мелсен, која даде поетско и музичко видување на „Свадбата на седумте Цигани“.
„За мене беше особена чест што бев поканет на овој голем, балкански и меѓународен настан, значаен не само поради уметничките квалитети од богатото прозно дело на Долард, туку и поради придонесот што тој го дава во зближувањето на народот на Холандија со народите на Балканот, посебно во Македонија. За охриѓани тоа е од посебен интерес, бидејќи токму Долард им ги откри на луѓето од Запад убавините на нивниот град и нивното езеро, од што се разви едно традиционално холандско-македонско пријателство, врски, бракови, наследства. Лично бев почестен што на овој хепенинг учествував по препорака на Ханс Олинк, Холанѓанец, денес, најголемиот жив проучувач и биограф на А. ден Долард“, додава Јузмески. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.