Daily news
(Видео) Средба Заев – Могерини: Новиот пакет за проширување треба да ги опфати сите земји на Западен Балкан
Премиерот Зоран Заев оствари средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини. На средбата со Могерини, на која присуствуваа и Бујар Османи, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, и Никола Димитров, министер за надворешни работи, премиерот Заев истакна дека личната посветеност и ангажираност на високите претставници на највисоките институции на ЕУ, како и институционалната поддршка од телата на ЕУ се од клучно значење за поддршка на тековните напори на Владата.
Тој додаде дека огромни напори биле инвестирани од страна на Владата и од ЕУ за да се врати Република Македонија на вистинскиот пат и да се создадат позитивни случувања по долготрајната политичка криза.
„Сега е време да ги искористиме овие напори. Продолжуваме со силна посветеност и несомнена политичка волја, иако на внатрешен план имаме одредени политички околности“, нагласи Заев и додаде: „Очекуваме дека ЕУ ќе покаже визија и ќе обезбеди одлука за почнување на преговорите за пристапување во првата половина од 2018 година“.
Премиерот додаде дека примарната посветеност на Владата е да се изгради модерна европска земја што ги дели европските вредности, со функционална демократија базирана на владеењето на правото и врз заеднички споделени основни вредности. „Имаме аргументи да докажеме дека Република Македонија е најдобрата ‘успешна приказна’ во 2017 година и може многу да придонесе за добрососедските односи, регионалната соработка, стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан и во Европа“, нагласи Заев.
Претседателот на Владата ги искажа очекувањата од Стратегијата за проширување на ЕУ, најавена од страна на претседателот на Европската комисија, Јункер, и истакна дека едно од тие очекувања е отворање на можноста за секоја земја да напредува колку што е можно побрзо во процесот на пристапување врз основа на сопствените заслуги.
„Република Македонија ќе се стреми да се израмни и да влезе во групата земји предводници на процесот. Треба да бидеме во пакетот. Тоа ќе нè стабилизира за подолг рок“, потенцираше премиерот Заев.
Премиерот Зоран Заев истакна дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија во мај 2018 година, за време на бугарското претседателство со ЕУ, ќе биде јасна можност за обновување на заедничките обврски на земјите од Западен Балкан и на ЕУ.
„Вложуваме напори за повторно воспоставување на Република Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели. Одлучно воспоставуваме блиски врски со што е можно повеќе земји-членки на ЕУ, како и со соседните и со други земји. Групата пријатели и поддржувачи на Република Македонија постојано се зголемува“, истакна премиерот. Тој нагласи дека фокусот е да се гради нов дух во нашите односи, да се отвори дијалог за решавање на нерешените прашања, да се изградат мостови за соработка базирани на заемна доверба и почит како со соседите така и со другите земји во регионот.
„Во врска со прашањето со Грција, имаме една порака: Ние сме подготвени да го решиме ова прашање. Бараме помош и поддршка како да го најдеме соодветното и одржливо решение кое ќе има поддршка во двете земји“, додаде Заев.
Од своја страна, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, истакна дека е видлив напредокот што го оствари земјава за само една година и дека тоа е добар знак и во однос на напредувањето на државата во евроинтеграциските процеси. На средбата заеднички е констатирана неопходноста од соработка со опозицијата на важните стратешки прашања за земјата и дека каналите за комуникација треба да бидат постојано отворени.
На средбата во Европската комисија кај Могерини е нагласено дека претстојните месеци до првата половина на 2018 година се круцијални кога е во прашање процесот за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ. Посочена е и важноста, колку што е можно побргу, да се одржат средби на високо ниво меѓу Република Македонија и Република Грција. Во завршницата на разговорите беше потенцирано дека новиот пакет за проширување треба да ги опфати сите земји на Западен Балкан, како знак за поддршка на стабилноста и напредокот на целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.