Daily news
Српски митралези во рацете на сириските бунтовници
Бунтовниците против режимот на сирискиот претседател Асад на социјалните мрежи објавуваат фотографии со најновото оружје, митралезот „којот“ произведен во фабриката „Застава оружје“ во Крагуевац.
Меѓународната Мрежа за истражување на организираниот криминал и корупција (OCCRP) денес на нејзиниот сајт ја објави шемата на транспортот на митралезот „којот“ (официјално име MO2 Coyote) од Крагуевац, преку Саудиска Арабија, до бунтовниците во Алепо. Во истражувањето учествувале и новинари на Балканската истражувачка мрежа БИРН.
Митралезот „којот“ веднаш станал едно од омилените парчиња оружје за бунтовниците бидејќи е лесен и ефикасен. Тие го нарекуваат и „душка“заради сличноста со рускиот митралез „ДШК“.
Оружјето од Крагуевац е продадено во Саудиска Арабија преку бугарската компанија БИЕМ (Бугарско индустриско инженерство и менаџмент) во периодот 2015-2016 година. Оттаму, тоа веројатно е транспортирано во Северна Сирија преку Турција.
Во анализата се наведува дека „којот“ е само дел од транспортот на оружје вредно 1,2 милијарди евра кој е финансиран од страна на Саудиска Арабија, Турција, Јордан и Обединетите Арапски Емирати.
„Го видотв тој тип митралез во Саудиска Арабија, таму Американците го користеа за обука. По обуката се вратив во Турција, а потоа на боиштето во Сирија. Мојкот митралез присигна од Турција, по обуката“, изјавил еден сириски бунтовник за истражувачката мрежа.
Истражувањата велат дека „Застава оружје“ и БИЕМ во 2015 година склучиле договор за продажба на 205 парчиња „којот“ за 2,75 милиони евра.
Сопственик на БИЕМ е бугарскиот бизнисмен Петар Манџуков, долгогодишен трговец со оружје, медиумски тајкун и косопственик на софискиот фудбалски клуб ЦСКА, некогашен армиски клуб од социјалистичка Бугарија.
Дозволата за извоз на „којот“ од Србија ја издало српското Министерство за трговија, на основа на потврдата за крајниот корисник, кој гарантирал дека оружјето ќе го користат безбедносните сили на Саудиска Арабија. Но, саудиската војска го пренасочила транспортот кај сириските бунтовници. Инаку, војската на Саудиска Арабија користи пософистицирано оружје произведено на Запад.
Според бројни меѓународни правни акти, Србија е должна да го сопре извозот на оружје ако постои можност тоа да биде пренасочено. Тоа и го направила во 2013 година, бидејќи постоеле индиции дека Саудијците го пренасочуваат во Сирија, но две години подоцна потворно е одобрен извоз на „којоти“ и муниција во вкупна вредност од 135 милиони евра.
Истражувањето наведува дека Бугарите, саудијците, Турците и Американците се главните „играчи“ на воениот пазар во Сирија. Војната во Сирија предизвикала пораст на српската воена индустрија, фабриките з аоружје воведуваат дополнителни смени или не примаат нови порачки за да можат да се справат со големата побарувачка.
„Застава“ во 2015 година имала пораст на производството од 34 отсто, а фабриката „Крушик“ истата година забележила 73 отсто поголема продажба. крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.