Daily news
Стивен Хокинг: Човештвото е во опасност, Земјата нема иднина
Човештвото ќе мора да ја напушти планетава во наредните стотина години или ќе се соочи со изумирање, предупреди познатиот научник и професор на „Кембриџ“, Стивен Хокинг, кој беше главен говорник на научната конференција на фестивалот Стармус во Трондхајм, Норвешка, која се одржа изминатава недела.
Во својот говор тој наведе дека немаме иднина на оваа планета, и тоа поради три причини.
– Луѓето ја надминаа планетата, ѝ ги одзедоа ресурсите, ја уништија преку климатските промени и не оставија места за истражување. Деновите на планетата ѝ се изброени поради закани од астероиди, црни дупки, супернови и од сончевото зрачење. Човештвото е родено да истражува, а со неколку преостанати места на Земјата, наша единствена можност е да продолжиме подалеку од нашиот Сончев систем. Земјата е под толкави закани во толку многу области што ми е тешко да бидам позитивен. Заканите се преголеми и ги има премногу – предупреди тој.
Хокинг посочи дека ако светот не се обедини околу целта за напуштање на Земјата, ние и понатаму ќе пропаѓаме, бидејќи со актуелната технологија немаме можности да дојдеме до најблиските потенцијално населиви планети, кои се оддалечени четири и пол милијарди светлосни години.
– Земјата станува премала за нас. Нашите физички ресурси исчезнуваат со алармантна брзина. На нашата планета ѝ дадовме деструктивни подароци, климатските промени, зголемувањето на температурите, намалувањето на поларните брегови, уништувањето на шумите и на животинските видови, и не можеме да го игнорираме сето тоа. Кога стигнувавме до слични крстопати во нашата историја, обично постоеше некое друго место за колонизирање. Колумбо го стори тоа во 1492 година, кога откри нов свет, но сега нема нов свет – вели Хокинг.
Според него, не постои утопија зад аголот, едноставно ни снемува место, а единствено место каде што би можеле да отидеме се другите светови.
– Време е да ги истражиме другите сончеви системи, ширењето може да биде единствената работа што ќе нѐ спаси од нас самите. Уверен сум дека луѓето мора да ја напуштат Земјата – нагласува познатиот научник.
Тој посочува дека вселената е „насилно место“, со експлозивни супернови, сончево зрачење, црни дупки и со закани од астероиди, кои патуваат со брзина од стотици километри во секунда, пренесува „Информер“.
– Овие феномени сигурно не ја прават вселената привлечна, но, сепак, тоа се причините зошто треба да се упатиме кон вселената наместо да останеме на Земјата, бидејќи ако чекаме доволно долго, тогаш тие ќе дојдат на планетата. Ова не е научна фантастика. Ова е загарантирано со законите на физиката и на веројатноста – вели Хокинг, нагласувајќи дека третата причина за напуштање на Земјата е што отсекогаш сме истражувале за да преживееме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.