Daily news
Сугарески: Ќе се доизгради и модернизира пругата кон Бугарија
Меморандумот за развој на железницата што го потпишавме со Република Бугарија е предуслов за одржлив економски раст и развој на регионот, како и значаен чекор напред во однос на заедничките инвестиции што ќе ги реализираме за довршување на Коридорот 8 кон исток, рече денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Сугаревски на прес-конференција ги соопшти деталите од Меморандумот.
„Со Меморандумот се обврзуваме да ја доизградиме и модернизираме пругата до границата со Бугарија, а Владата на Бугарија се обврза да ја доизгради пругата до нашата граница, со што целосно ќе го заокружиме железничкото поврзување. Вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Бугарија е околу 89 километри. Изградбата претходно е поделена на три делници, а постапките за сите три делници веќе се почнати“, рече Сугрески.
Изградбата на делницата Куманово-Бељаковце е во фаза на реализација, а средствата во висина од 46 милиони евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.
„Пругата требаше да биде готова уште минатата година, но поради одредени проблеми со проектната документација и нерешените имотно-правни односи градбата е пролонгирана до 2018 година. За ова време ќе бидат надминати сите настанати проблеми се со цел пругата да биде изградена во рамки на договореното“, рече Сугарески.
Во делот од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, во завршна фаза е постапката за изработка на техничка документација. Постапката за изведувач, како што рече, е почната и се очекува до средината на идната година да имаме избрано градежна фирма што ќе го гради овој дел од пругата. Оваа делница ќе биде завршена до 2021 година, а 145 милиони евра веќе се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.
Тој потенцира дека на Самитот во Трст што се одржа минатиот месец на Македонија и бил доделен грант-неповратни средства во висина од 70 милиони евра од страна на ЕУ. Овие пари ќе бидат искористени за изградба на оваа делница и за овој износ, како што рече, ќе го намалиме кредитното задолжување кон ЕБОР.
За третата секција од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, во завршна фаза е изработка на проектна документација. Се проценува дека изградбата би чинела меѓу 350 и 400 милиони евра.
„Досега имаме обезбедено 60 милиони евра преку Оперативната ИПА програма 2014-2020, а останатите ќе ги обезбедиме преку меѓународни финансиски институции кои имаат пројавено интерес за финансирање на оваа делница. Нашите планови се изградбата да почне во 2020, а да заврши во 2025 година“, рече Сугарески.
Тој информира дека Бугарија со Меморандумот се обврзала модернизацијата на железничката линија од Софија до Ѓуешево да биде завршена до крајот на 2026, а делот од Ѓуешево до границата со Македонија да биде завршена до крајот на 2027.
„Изградбата на пругата е од огромно зачење не само за двете земји, туку има значење и за целиот регион. Ќе се отворат нови можности за сите транспортни компании, ќе се создадат нови транспортни рути, а изградбата на пругата ќе има силно влијание и врз економијата. Генерално ќе имаме олесување на транспортот и намалување од притисокот од досегашнте несакани случувања на Коридорот 10“, додаде тој.
Сугарески информираше и за изградбата на пругата кон Албанија, која не е составен дел од Меморандумот. Должината на оваа пруга е 66 километри, а во завршна фаза е изработката на основните проекти кои треба да бидат готови до крајот на годината. Потоа ќе се пристапи кон обезбедување финансии, а изградбата ќе чини околу 550 милиони евра. Според него, многу е важно Македонија да има функционална пруга и кон запад бидејќи на тој начин ќе го заокружиме Коридорот 8 кој е еден од значајните паневропски коридори во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.